Собирањето на телата и прибирањето докази за воените злосторства на руската армија во градовите околу престолнината Киев продолжува. Големото повлекување на руските единици од северниот дел на Украина, кое започна минатата недела, им овозможи на роднините на загинатите да ги пронајдат телата на своите блиски. Меѓу убиените, според украинските власти, е и братучед на градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Прво го убија Виталик. Му ги врзаа рацете зад грб и го натераа да падне на колена. Го застрелаа. Потоа отидоа кај Вадим. Го однесоа во визбата, се чини дека одбил да клекне на колена. Прво го застрелаа во нозете, поради што падна и потоа му пукаа во тилот, вели Анатоли Кебукевич, градоначалник на Андирвка.
Повлекувањето на руската армија од северот на Украина, е со цел нејзино реорганизирање, повторно опремување и преаспоредување за голема офанзива во Донбас, согласни се сите западни разузнавачки агенции. Но, според нивните проценки, дури 37 баталјони повеќе не се борбено способни, што значи дека за операцијата во Донбас остануваат нешто повеќе од 90 баталјони. Нивното опремување, надополнувањето на загубите во опрема и персонал, ќе одзеде многу време, прогнозираат западните разузнавачи.
Активни судири сѐ уште има во тек на дел од нашата територија. Русија подготвува уште една офанзива надевајќи се да го скрши нашиот национален отпор. Окупаторите концентрираа десетици илјади војници и огромно количество опрема за повторно да нападнат. Најлоша е ситуацијата во Мариупол, нашиот јужен пристанишен град, кој е опсаден од руските сили уште од 1 март, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Токму од Мариупол, 36-та украинска морнаричка бригада, предупреди дека ја води последната битка, бидејќи повеќе немаат муниција. „Тоа што нѐ очекува е смрт за некои од нас, и заробеништво за останатите, напишаа на фејсбук профилот на бигадата која го брани Мариупол од почетокот на инвазијата. Украинските власти го отфрлија апелот како лажен, и тврдат дека сѐ уште ја имаат контролата врз градот. Тие исто така ги отфрлија како неточни и тврдењата на лидерот на Доњецката народна република, Денис Пашулин, дека сепаратистичките борци ја презеле контролата врз пристаништето во градот.
Игор Трајков