Зголемениот број на новозаразени со Ковид 19 ја отвори дилемата на кој начин би требало да се одвива наставата во училиштата во текот на второто полугодие. Во Грција учениците денес се враќаат во училишните клупи и второто полугодие започнува регуларно. Тие и просветните работници задолжително ќе се тестираат два пати седмично, со бесплатните брзи тестови, за оваа седмица ќе добијат и еден тест плус. Со селф тестовите се откриени над 15 илјади позитивни случаи кај ученици и просветни работници. Во Италија е одлучувачки фактор колку случаи на инфекција со коронавирус има во одделението. Кога станува збор за средните училишта, учениците мора да бидат тестирани во одделението и да носат FFP2 маски доколку се појави само еден случај на инфекција со коронавирус.
Во меѓувреме додека трае зимскиот распуст кај нас Министерството за образование и наука ќе се координира со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за начинот на кој ќе продолжи да се организира наставата во второто полугодие, за што навремено ќе ја информираат јавноста, е ставот на МОН.
Што се однесува до донесување на нови мерки и протоколи,тоа треба да го утврди новиот владин состав веќе на првата седница на Влада, велат од Министерството за здравство.
Препораките за заштита од ширење на вирусот ги носат експертите од различни области во Комисијата за заразни болести, тие одлуки се темелат на претходни епидемиолошки анализи на стручната фела од Институт за јавно здравје. Комисијата ќе заседава во текот на утрешниот ден, за евентуални препораки од состанокот јавноста навремено ќе биде информирана.
Движењето за поддршка на онлајн настава со свое барање до МОН и Министерството за здравство наставата да се одвива на далечина во второто полугодие.
Во името на огромен број родители наставници, во името на бабите дедовците, во нашите семејства каде што се живее во еден стан, во една куќа по пет, по шест луѓе каде што дистанцата и изолацијата се невозможни со овој тип на вирус ќе се заразуваат сите. Ако со Делтата и со првиот Вухански сој се заразуваат еден двајца, во овој случај се заразуваат буквално сите, вели Ана Глигорова, Движење „Поддршка за онлајн настава“
Со одлука на Владата донесена на 17 август почетокот на новата учебна година 2021 -2022 почна со физичко присуство. Доколки има одредени промени МОН тогаш најави дека е секогаш подготвено за останите две резервни сценарија хибриден модел и ротирање на групи ученици.
Нина Стефанова
