Осветување на бадниковите гранчиња, кревање на знамето и изведба на бадниковата химна од Силви бенд. Вака пред Соборниот храм започна прославата на празникот Бадник, кој во христијанската традиција ја симболизира радоста на верниците за Христовото раѓање-Божик. Бројни верници пред портите на храмот ги дочекаа ланскиот бадникарски кум и здравичарот Миодраг Врчаковски и Никола Пановски, кој со семејството пристигна на пајтон. Но, и годинашните кумови Драган Спасов и Александар Митевски и здравичарот Живко Поповски. Потоа донесената бадникова погача беше осветена од поглаварот на МПЦ, Господин Господин Стефан.
Кога пристигна во Соборниот храм, ланскиот бадникарски кум, д-р Пановски посака за 2 – 3 месеци да помине пандемијата и да заборавиме на лекарите, а пред предавањето на бадникарскиот ќуп на годинашниве кумови, тој рече дека неговиот избор од Одборот за прослава на Бадник е доказ за почитта на МПЦ кон науката и медицината.
- Значи се докажа дека религијата и науката можат и мораат да дејствуваат заедно , особено во тешки времиња, рече д-р Никола Пановски-лански бадникарски кум
Но, дел од верниците кои ги анкетиравме најавија дека за овој празник ќе се причестат и дека не се плашат од пандемијата, со користењето иста лажичка.
- Да, ќе се причестам. О не! Дефинитивно не се плашам
- Да, ќе се причестам. Не се плашам. Ништо нема од тоа.
- Да, ќе се причестам. Не се плашам. Вакцинирана сум.
Годинашниот состав од бадникарски кумови и здравичар дава надеж за победа на пандемијата, рече кумот Дац.
- Моментално сме овде еден актер, еден музичар и еден ликовен уметник. Па , јас искрено се надевам дека оваа година пандемијата ќе биде победена од уметноста.
Здравје, среќа, љубов и сплотеност, се желбите на граѓаните во пресрет на утрешниот празник Божик. А, денешниов Бадник традиционално беше прославен по 29 пат.
Сотир Трајков