За децата со попреченост почетокот на учебната година наместо радост, ново разочарување. Ветените асистените кои требаше да ги придружуваат на училиште ги нема и голем дел деца мора да останат дома. За каква инклузија говори Министерството за образование и наука кога се соочуваме со вакви проблеми,реагираат родителите на деца со попреченост.
Беше планирано петстотини асистенити да се пуштат на терен. Не е таква состојбата, децата не тргнаа во училиште. Не се петстотини асистенти затоа што за жал денес имам информација дека многу од тие асистенти се откажуваат по помината обука. Имаше обуки за асистентите меѓутоа се откажуваат непочнати со работа во училиштата со дечињата- Ребека Јанковска- Ристески, активистка.
Се работи за ранлива категорија на деца кои треба прво да се видат со асистентите пред да тргнат во училиште. Не може да се затворат специјалните училишта, а во меѓувреме да нема решение. Се задоцни и со потврдата за проценка на функционалност на детето (МКФ) доколку се знае дека само така им следува и асистент на децата со попреченост, вели Јанковска- Ристески .
Да се направи за секое детенце пред да појде во образование или ако не може да појде. Мора таа проценка првично да биде направена- Ребека Јанковска- Ристески , активистка.
МОН не ни одговори прецизно на прашањето дали и колку деца не тргнале на училиште и дали одреден број на асистенти се откажале. Според МОН пак бројот на образовни асистенти е речиси двојно зголемен годинава, системско решение за кое државата ги покрива целосно трошоците. Родителите/старателите на децата со попреченост, извештај по МКФ можат да достават и по 1 септември.
“Основните училишта со ресурсни центри спроведоа огласи за вработување на 500 образовни асистенти и истите се веќе одбрани и во тек се спојувањата со учениците кои добиле мислење и е утврдена потребата од образовен асистент. Ангажманот на образовни асистенти зависи од искажаните потреби на родителите на учениците, а доколку тие потреби се зголемат во текот на годината, секако дека МОН ќе излезе во пресрет” – велат од министерството за образование и наука.
Стручните тела за функционална проценка по МКФ се под Министерство за здравство и истите функционираат во состав на ЈЗУ Здравствен дом Скопје како посебна служба. Сепак, извештајот кој го издава службата не е услов за упис во училиште, велат од надлежното министерство .
На почетокот на учебната година со апел и Народниот правобранител, секое дете има право на квалитетно образование со почитување и унапредување на неговото достоинство и оптимален развој. Пристап заснован на човековите права на детето кои го признаваат и Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Државата има обврска да гарантира квалитетно образование за сите, и да обезбеди целосна поддршка за развој на потенцијалот на секое дете.
Нина Стефанова
