Вести Свет

Забрзана евакуацијата од аеродромот во Кабул

Неколку стотици американски војници веќе почнаа да се пакауваат, а дел од нив утринава го напуштиле Авганистан, откако американскиот претседател на вчерашниот итно свикан состанок на земјите од Г-7 инсистираше војниците да се повлечат на 31-ви август, рок кој самиот го одреди.

Сојузниците не успеаа да го убедат Бајден, кој претходно бил советуван од Пентагон да се држи до договорот со талибанците, кои ветуваат дека ќе помогнат во евакуацијата, но само на странските државјани.

Во моментов сме на чекор да завршиме до 31-ви август. Колку порано завршиме, тоа подобро. Секој ден од операцијата носи ризик за нашите трупи. Но, повлекувањето до 31-ви август зависи од соработката на талибанците, колку ќе дозволат влез на аеродромот за оние кои се евакуираат и транспортираат надвор, и без да ги нарушат нашите операции, изјави Бајден. 

Одлуката на Бајден наиде на сериозни критики и од сојузниците, и во јавноста, но американскиот претседател е воден од фактите на терен. Односно, заканата од новата терористичка група ИСИС-Ка, која е позната по самоубиствените бомбашки напади. Разузнавачките информации на ЦИА се дека истата е длабоко навлезена во Авганистан и е закана и за самите талибанци.

Секој поминат ден во земјата е уште еден ден за кој знаеме дека ИСИС-К се обидува да го нападне аеродромот и да нападне американски и сојузни воени сили, како и невини цивили. засега, талибанците соработуваат со нас за да ги извлечеме нашите луѓе. Но, ситуацијата е тешка.

Сојузниците знаат дека нема да можат да ги извлечат своите државјани од Авганистан до следниот вторник, без американските војници. Но, во земјата остануваат ОН. И со нивна помош, евакуацијата ќе продолжи.

Ќе ја продолжиме евакуацијата колку што е потребно, за да им овозможиме на Авганистанците кои соработуваа со нас за безбедноста, слободата, спроведувањето на правото и развојот, да ја напуштат земјата, порача германската канцеларка Меркел. 

Се проценува дека 300 илјади авганистанци се во сигурна опасност од талибанците, поради нивната соработка со Американците и нивните сојузници.

По заминувањето на западните сили, на земјата и се заканува хуманитарна криза. А 10 милиони деца во земјата ќе ја платат највисоката цена, предупредија од УНИЦЕФ. Нивната потхранетост, но и страотните слики од пукотници предизвикаа анксиозност која тешко се надминува. Ситуацијата ќе се влоши со доаѓањето на студената зима, и пандемијата, која во моментов е подзаборавена.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: Размислуваме да воведеме данок за немажени и неженети

Дејан Дејан

(ФОТО) Без доволно храна и вода, морето е единствено разладување за луѓето од Појасот Газа

Дејан Дејан

Коцевски: Обвинение за полициските службеници во случајот „Пулс“ до септември

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе