Силното невреме предизвика хаос и во Штип, каде најголемите проблеми ги предизвика во комплексот на Клиничката болница во овој град.
Оштетен е дел од кровната конструкција на оваа здравствена институција, каде што се одделенијата за Ортопедија и Интензивно лекување, поради што дел од пациентите ќе бидат преместени на други одделенија.
Според заменик директорката на КБ во Штип, Билјана Ефтимова, станува збор за околу 15 до 20 пациенти од Одделението за ортопедија.
Таа дополни дека оштетувања има и на операционата сала во ортопедија, но болницата располага и со други операциони сали и медицинските услуги нема да бидат прекинати.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, соопшти дека материјална штета е предизвикана и на други приватни објекти и институции, апелирајќи до граѓаните да ја пријават секоја предизвикана штета.
Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, потврди дека екипите на ова јавно претпријатие веќе ги остраниле дрвјата кои ги блокирале улиците во градот, додавајќи дека ќе интервенираат и во текот на вечерта, секаде каде што има потреба.
За состојбата во Штип, во вестите на Телма, информираше Викторија Јованова.
