Рекордни износи на депозити и кредити во банките. Според податоците што ги објави Народната банка, вкупните депозити во јуни изнесуваат безмалку 11 милијарди евра и споредено со истиот месец лани се зголемени за скоро 10%.
Од друга страна, расте и задолжувањето. Вкупните кредити во банките и штедилниците за една година се зголемиле за 13,1% и сега нивниот вкупен износ надминува 9,6 милијарди евра. Податоците покажуваат дека граѓаните и фирмите се речиси еднакво задолжени.
Населението најмногу подигнува потрошувачки кредити, чиј износ во јуни е 2,45 милијарди евра, како и станбени кредити во вредност од 1,9 милијарди евра.
„Aнализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во јуни, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, е забележан годишен раст од 11,8% и 16,6%, соодветно“, соопштија од Народната банка.
Вкупното задолжување за станови не се зголемува само поради континуираниот раст на цените на квадратот, туку расте и бројот на издадени кредити за таа намена.
Останатите типови кредити се со значително помал удел во вкупното задолжување на населението. Преку кредитни картички долгот на физичките лица е скоро 135 милиони евра, негативните салда изнесуваат 109 милиони евра, а другите кредити скоро 21 милион евра.
Најмал удел според видот имаат автомобилските кредити, чиј вкупен износ е нешто над 7 милиони евра.
Мирјана Јовеска
