Должни сме да ги објавиме резултатите од анализите на гостиварската вода и тоа ќе биде сторено во координација со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако официјално ќе ги добиеме резултатите, ни одговори Елизабета Јосифоска, раководителка на гостиварското основно обвинителство, каде се води предистрага за масовното труење во Гостивар.
Јосифоска за Телма рече дека ги очекуваат резултатите од анализите кои ИЈЗ ги прави по наредба на обвинителството во рамки на истражната постапка. Обвинителството ги потврдува и наводите за пумпи кои наводно биле поврзани со гостиварскиот водовод, наводите дека вработените во ИЈЗ биле попречувани додека ја извршувале наредбата на обвинителството за да земат примероци од вода за анализа.
Обвинителката Јосифоска ни рече дека и се проверуваат и бараат податоци за претходни анализи на водата во гостиварскиот водовод кои се правени како задолжителни и редовни анализи.
Премиерот Христијан Мицкоски пак во изјава во Велес дека утрово бил брифиран за анализите на водата и тие се доставени до обвинителство, по што наредни чекори треба да преземе надлежен обвинител.
ИЈЗ потврди дека се завршени анализите, но поради истражната постапка и наредбата добиена од гостиварското обвинителство- не може да ги објават резултатите. Слободен Печат пак објави дека со анализа е утврдено дека „има отстапувања од нормалните параметри кои одговараат на моменталната состојба во Гостивар“, но без дополнителни детали.
Миомир Серафиновиќ
