Вести Македонија Топ вести

Брисел алармира за притисоци врз судството – власта со нови критики, опозицијата обвинува за заробени институции

Нови „стрели“ од власта до правосудниот систем. Еден ден откако Европската комисија го објави Извештајот за владеењето на правото во земјава, премиерот со порака: „судиите и обвинителите не заслужуваат повеќе пари, ќе продолжам да ги критикувам“.

Во документот од ЕУ се нотира дека независноста на судството во Македонија е загрозена од притисок и мешање на други државни инстанци. Недостигот од судии и обвинители, неиздвојување на доволно средства за судската администрација, дигитализацијата на судството, како и несоодветната соработка помеѓу институциите исто така се нотирани како слабост на системот.

„Инаку мене ми е тоа работа, јас јавно да ги повикувам судиите и обвинителите да испорачаат правда. И ќе продолжам во таа насока да коментирам, колку сакаат извештаи нека се објавуваат. Впрочем, граѓаните се самите тие коишто констатираат дека немаме испорака на задоволително ниво од страна на правосудниот систем. И тоа е општопозната констатација. Јас ќе продолжам во таа насока да испраќам пораки, со сета политичка одговорност и ризик коишто ги имам – да, ќе продолжам додека не видиме напредок во испораката на правдата. Второ, пари повеќе нема да добијат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Од опозицијата со оценка дека Извештајот за владеењето на правото е катастрофален и е најсилна потврда дека правосудниот систем во државата е под сериозен политички притисок од власта. Од СДСМ посочуваат дека Европската комисија јасно нотира мешање во судството и обвинителството, отсуство на реформи, распространета корупција и проблематични јавни набавки.

„Ова не е општа критика – ова е директна дијагноза на состојбата во која се наоѓа правосудниот систем во Македонија под актуелната влада на ВМРО-ОКГ. Она што Европската комисија го забележува како системски проблем, ние го гледаме секојдневно во конкретни постапки и одлуки на Мицкоски и неговата организирана криминална група. Целта е јасна: да се спречи независното судство и обвинителство, да се заштитат криминалците и да се продолжи со неказнивоста. Затоа ВМРО намерно го кочат процесот на пристапување во Европската унија“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ. 

Опозициската Левица исто така со критики и обвинувања до власта и до премиерот. Оттаму велат дека Мицкоски не го демонтирал коруптивниот систем туку удобно се сместил во него. Од партијата додаваат дека особено поразителна е оценката за измените на Кривичниот законик од јануари годинава, а состојбата во Антикорупциска дополнително покажува колку е компромитиран целиот систем.

„Најновиот Извештај на Европската комисија за владеењето на правото претставува тешко обвинение против начинот на кој Мицкоски и ДПМНЕ управуваат со државата. Комисијата не опишува неколку изолирани слабости, туку систем во кој корупцијата останува широко распространета, високопрофилните предмети ретко завршуваат со правосилни пресуди, измените на Кривичниот законик го стеснуваат просторот за гонење, а институцијата задолжена за спречување на корупцијата беше потресена од скандали токму во сопствениот состав“, се вели во соопштението на Левица. 

Генералниот заклучок за правосудниот систем во Извештајот на Европската комисија е дека ефикасноста продолжува да опаѓа, како што се зголемува времетраењето на постапките во речиси сите судски случаи, со исклучок на кривичните. Во документот се наведува дека перцепцијата за судска независност во земјава останува многу ниска.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

За 24 часа – 260 нови пациенти побарале помош во гостиварската болница

Igor Trajkov

Ослободителната пресуда за Талир 2 се пишува, од Кривичен велат ќе биде доставена во најкус можен рок

Igor Trajkov

Аврамовски: И агресивните, неумесни политички изјави влијаат на падот на довербата во судство, но влијае и судската неактивност

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе