Вести Македонија

Единство и соработка наместо конструкции и инсинуации – силни политички реакции по инцидентот на Ќафасан

Единство и институционална соработка наместо политички конструкции и инсинуации. Оваа порака доаѓа од Вреди по состанокот на централното раководство. Челните луѓе на владиниот коалициски партнер синоќа се состанале по настанот на границата со Албанија, кога пратениците Ќоку и Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Муртезани, биле задржани повеќе од еден час на Ќафасан, заедно со уште едно лице. Од Вреди случајот неофицијално го оценија како дипломатски скандал, бидејќи функционерите имале дипломатски пасоши, по што реакции стигнаа и од двете земји.

„На Албанците во Северна Македонија, Албанија, Косово и во регионот им се потребни повеќе единство, поголема доверба и поголема заедничка одговорност. Токму затоа, секој обид за шпионирање, дезинформирање, политички инсинуации или нарушување на меѓуалбанските односи е штетен, неодговорен и спротивен на интересите на Албанците“, реагираат од Вреди.

Реакциите не стивнуваат ниту во соседството. Лидерот на опозициската Демократска партија на Албанија, Сали Бериша, остро го осуди задржувањето на функционерите на Вреди на граничниот премин „Ќафасан“, оценувајќи дека станува збор за сериозен дипломатски скандал. Бериша ги обвини премиерот на Албанија, Рама, и министерот за внатрешни работи Љамалари дека стојат зад ова и рече дека тројцата функционери, иако патувале со дипломатски пасоши, биле третирани како терористи, а не како легитимни претставници на Албанците во земјава.

„Овој чин е сериозен удар врз добрососедството со соседната земја и претставува вулгарен обид да се обвинат соседите и другите за најмоќниот граѓански младински протест во земјата во последните 35 години. Му гарантирам на Еди Рама дека неговата казна е без спас, без враќање. Нека ги затвори границите од сите четири страни, но Албанците дефинитивно му го отсекоа патот“, порача Сали Бериша, претседател на Демократска партија на Албанија.

Од полицијата во Албанија веќе соопштија дека функционерите на Вреди биле слободни, а придружбата била проблемот на граница. Извори од Вреди, пак, уште вчера неофицијално брифираа за сомнеж дека забраната за влез во Албанија на четвртиот патник, најверојатно е поради поврзаност со протестите кои се одвиваат во таму против официјалните власти на државата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уапсени двајца членови на Беланоца во Драч – едниот се бараше за убиство на офицер на АРМ

Дејан Дејан

Студенти над 30 години излегуваат од студентските домови – измени во законот за студентски стандард

Sasko Dimovski

Ќе се изгаснат ли цигарите во кафулиња и на дел од јавниот простор од 1 август?

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе