Државната ревизија за 2024 година на Академијата за судии и јавни обвинители утврди низа слабости во финансиското работење и усогласеноста со законските прописи.
Изразено е мислење со резерва, при што се констатирани пропусти во исплатите, јавните набавки, евиденциите и организацијата на обуките.
Меѓу клучните наоди се неправилности во исплатата на надоместоци на членови на управни тела, надминување на законски рокови за обуки и исплата на дополнителни средства, како и склучување договори со ментори по истек на периодот на ангажман.
Дополнително, утврдени се исплати за активности кои не се јасно регулирани со закон, како и прекумерна прекувремена работа без соодветно известување до инспекциските органи.
Ревизијата посочува и слабости во управувањето со јавни набавки, користење на критериуми кои не се директно поврзани со предметот на набавка, како и случаи на набавки без спроведена постапка.
Дадени се вкупно 9 препораки со цел подобрување на финансиската дисциплина, законитоста и транспарентноста во работењето на институцијата.
