Техеран потврди дека добил нови предлози за продолжување на мировниот процес со Вашингтон, и покрај тоа што и двете страни продолжија со меѓусебните напади. Во текот на ноќта, американската централна команда соопшти дека биле извршени повеќе напади врз цели на иранската армија и револуционерната гарда како одговор на иранските напади во текот на викендот во кои загинаа тројца американски војници.
Според американската страна целта на денешните напади е неутрализирање на иранските капацитети за блокирање на Ормускиот теснец и напаѓање на танкерите кои се обидуваат да го поминат. Вашингтон продолжува да инсистира дека американските напади се само резултат на неодговорното однесување на Техеран по потпишувањето на примирјето и одолговлекувањето на преговорите.
Ние сме постојано отворени за дипломатија. Таа мора да биде вистинска, и мора да биде договор кој тие се подготвени да го почитуваат. Видете, пред една недела Иран требаше да објави соопштение дека ќе го отвори Ормускиот теснец, дека повеќе нема да напаѓаат бродови. Но, наместо тоа, тие нападнаа три бродови, тоа се случи во петокот и саботата. Затоа, прво нивниот однос треба да се промени, за и ние да го промениме нашиот, изјави рубио.
И покрај 60 дневното примирје кое Вашингтон и Техеран го потпишаа минатиот месец, и двете страни по краток прекин на насилствата продолжија со меѓусебните напади, ставајќи го под сомнеж целиот мировен процес.
Ја видовме и искусивме нивната подготвеност за дипломатија и претходно. Кога САД зборуваат за дипломатија тоа всушност значи диктат, заплашување, закани и санкции. Сѐ додека тие се задржуваат на таа позиција и се обидуваат да ги наметнат нивните барања врз Иранскиот народ, нашиот одговор дефинитивно ќе биде одбрана на иранското достоинство и националниот суверенитет, порача порптаролот на иранското министерство за надворешни работи.
Во срцето на последната ескалација на насилство во регионот е контролата врз клучниот Ормуски теснец низ кој заливските земји снабдуваат дури една петтина од глобалната потрошувачка на нафта. Повторното разгорување на конфликтот одново ги вознемири глобалните пазари и цената на нафтата пак започна да расте, и покрај тврдењата на американската администрација дека без разлика на нападите од страна на Иран, низ теснецот сепак дневно поминуваат дури 14 милиони барели нафта.
Игор Трајков
