Вести Македонија Топ вести

Судење за трагедијата во Кочани: презентирани инспекциски извештаи и записници

Извештаи од инспекциски контроли во кочанските локали, како и годишни извештаи на општинските инспектори – градежни, комунални и за животна средина – беа меѓу доказите што денеска обвинителите ги изведуваа на видео-бимовите и екраните во судницата во Идризово.

Според обвинителството, преку овие докази се гледа односот на општината кон правните лица „4М Кафе“ и „Класик ДМ“, како и нивната подружница „Пулс“. Обвинителите посочија дека во записниците од комуналната инспекција поврзани со кафулето „Класик“ се забележува дека, и покрај констатираните прекршувања, не биле преземани мерки.

Како аргумент го наведоа и тоа дека истите забелешки за поставената урбана опрема се повторуваат во записниците низ годините. Одбраната реагираше дека не треба обвинителот да ги толкува доказите, туку тоа да го направи судијата при носење на одлука. Тие посочија и дека доказите се поврзани со кафулето, а не со кабарето каде се случи пожарот. Обвинителот одговори дека токму фирмите поврзани со нив се опфатени со обвинението. Роднините на жртвите реагираа на одбраната со порака: „Судницата не е место каде најгласниот е во право.“

„Наместо суштински осврт на изнесените докази, повторно слушавме коментари, приговори и забелешки што повеќе наликуваа на обид да се создаде впечаток на активност, отколку да се даде одговор на прашањата што ги отвораат доказите. Но за нас ова не е натпревар кој повеќе ќе зборува. Не сме дојдени да слушаме кој ќе остави посилен впечаток пред камера или судница. Ние сме таму за нешто многу потешко — да ги слушнеме фактите, да разбереме што се случувало и да добиеме одговори“ велат од Здружение на граѓани „16 Март“.

Судењето за трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени, продолжува со материјални докази.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварската вода била безбедна до 13 јули, утврдил Центарот за јавно здравје

Sonja Petrusevska

Шестотини тони мазут позајмени пред осум години на Армијата од задолжителните резерви, сè уште не се вратени – извештај на ДЗР

Sasko Dimovski

Одреден 30-дневен притвор за тројцата осомничени за загадената вода во Гостивар – мерката ќе ја издржуваат во затворот во Шутка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе