Соединетите Американски Држави остануваат на курсот за договор со Иран, порача министерот за одбрана Пит Хегсет. Но, истовремено најави и подготвеност на Вашингтон за продолжување на војната со Техеран. Ваквата негова порака доаѓа од Сингапур, каде учествува на безбедносен Самит.
„На крајот на краиштата, како што реков, секој договор што претседателот е спремен да го склучи, ќе го склучи само ако верува дека е одличен договор, за нашата земја и за безбедноста на светот. Претседателот Трамп е целосно фокусиран на многу работи во врска со Иран, како и на трпението да го заврши на историски начин за да се осигури дека никогаш нема да имаат нуклеарно оружје“, изјави Пит Хегсет, министер за одбрана на САД.
Засега е неизвесно е во кој правец ќе продолжи кревкото примирје меѓу САД и Иран, кон мировен договор или нова ескалација на Блискиот Исток. На тема во Вашингтон разговораа американскиот државен сектетар Марко Рубио и премиерот на Пакистан, Ишак Дар чија земја се издигна како посредник на преговорите меѓу завојуваните страни. Двајцата ги избегнаа новинарските прашања, а дали се надзира крајот на тензиите во регионот и дали ќе бидат олеснети санкциите кон Иран, прецизен одговор изостана и од министерот за финансии, Скот Бесент.
„Претседателот Трамп тоа го стави многу јасно до знаење. Тој зборуваше за тоа на состанокот на кабинетот, дека има неколку црвени линии и дека Иран мора да го предаде својот високо збогатен ураниум. Тие не можат да се стремат кон производство на нуклеарно оружје. Тој нема да прифати лош договор. Мора да склучи одличен договор за американскиот народ“, рече Скот Бесент, министер за финансии на САД.
Конечна одлука за договор или ескалација, според американски медиуми, изостана и по двочасовниот состанок на американскиот претседател Доналд Трамп со советниците за национална безбедност. Извор за „Њујорк тајмс“ уверува дека Вашингтон и Техеран се блиску до договор, но останува да се допрецизираат одредени прашања, вклучително и одмрзнување на иранските средства. Според висок американски претставник, на состанокот се разгледувала рамка за продолжување на примирјето за 60 дена и отпочнување на нова рунда преговори за иранската нуклеарна програма, но одби да каже дали Трамп е решен да потпише прелиминарен договор со Иран.
Сашко Димовски
