Вести Македонија Топ вести

Сè понеизвесна екстрадицијата на „унгарскиот консултант“ Никола Груевски

Унгарски државјанин, сопственик на консултантска фирма со мал обрт на средства. Ова е портретот на експремиерот, а сега бегалец Никола Груевски, кој го составија унгарските истражувачки новинари. Откако истражувачкиот портал „Висквер“, повикувајќи се на извори од унгарската влада, објави дека Груевски во 2022 година добил државјанство врз основа на „унгарски државен интерес“, нивните колеги од порталот „444“ објавија дека Груевски во 2021 година ја отворил консултантската фирма И.Ц.И.Ц. КФТ.

Според достапните информации, фирмата е отворена на 14  јули во 2021 година, а седиштето е во селото Пецел, веднаш до Будимпешта.

Истражувањето на порталот „444“ покажа дека фирмата на Груевски врти милиони, но во форинти. Во 2025 година приходот бил 9.600 евра, а во 2024 година 11.600 евра. Лани, фирмата на Груевски имала профит од 2.000 евра.

„Сè уште не е познато со кого осудениот експретседател можеби имал деловни односи. Се знае само дека тој имал особено добри односи со Орбан, како и со поранешниот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто. Вториот редовно го примал Никола Груевски во својата канцеларија за да побара негов совет за прашања поврзани со Западен Балкан“, објави порталот „444“.

Опозициската СДСМ обвини дека премиерот Мицкоски и министерот за правда Филков знаеле дека Груевски поседува унгарско државјанство и затоа не презеле ништо околу неговата екстрадиција. Од партијата додаваат дека тие со месеци наназад предупредувале дека Груевски има двојно, а можеби и тројно државјанство.

„Со месеци СДСМ предупредува дека Никола Груевски поседува државјанства и пасоши од други држави, меѓу кои и унгарски. Мицкоски го знаел тоа цело време и свесно ги лажел граѓаните. Како и за се друго, како што лажеше за враќање на името, за поништување на Преспанскиот договор, како што лажеше дека е загрозен македонскиот идентитет. Така и за Груевски. Да сакаа Мицкоски и Филков, досега барањето за екстрадиција ќе беше испратено. Вистината е многу едноставна, Мицкоски и Филков не сакаат Груевски да биде екстрадиран, затоа го штитат. Мицкоски не го сака враќањето на Груевски, затоа што тоа директно би ја загрозило неговата позиција во ВМРО-ОКГ“, обвини Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ, на денешната прес конференција.

Премиерот Мицкоски вчера кажа дека немаат информација за евентуално унгарско државјанство на бегалецот Груевски додека од правда соопштија дека ги следеле информациите и шпекулациите и дека постапката за екстрадиција продолжува, без да се прецизира дали е испратено ново барање и што е преземено.

Откако новиот унгарски премиер Петар Маѓар најави дека „неговата земја веќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил“, притоа директно споменувајќи го Груевски, двајца полски бегалци, министерот за правда Зиобро и неговиот заменик Романовски кои за разлика од Груевски имаат само азил, а не и државјанство, веќе ја напуштија Унгарија.

Груевски побегна од Македонија во ноември во 2018 година, непосредно пред да започне со издржување на двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“, поврзан со набавка на луксузно возило марка „Мерцедес“, вредно околу 600 000 евра. Груевски преку Албанија, влезе во Црна Гора, а потоа во Србија за на крај да пристигне кај неговиот пријател Виктор Орбан во Будимпешта, каде што експресно доби политички азил.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварската вода била безбедна до 13 јули, утврдил Центарот за јавно здравје

Sonja Petrusevska

Шестотини тони мазут позајмени пред осум години на Армијата од задолжителните резерви, сè уште не се вратени – извештај на ДЗР

Sasko Dimovski

Одреден 30-дневен притвор за тројцата осомничени за загадената вода во Гостивар – мерката ќе ја издржуваат во затворот во Шутка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе