Социјалдемократите се сомневаат дека се подготвува техничка влада за уставни измени. Ова му беше поставено како пратеничко прашање на министерот за надворешни работи, придружено со обвинувања дека, и покрај ветувањата, по две години на власт, нема подобрена преговарачка рамка, а ниту раскинување на Преспанскиот договор и на Договорот со Бугарија. Добија одговор дека повторно шират хистерични тези.
„Дали постои сценарио кое вие го тестирате во Брисел за техничка влада на чие чело би застанале вие, да ги протурка и уставните измени со внесување на Бугарите во Уставот после организирањето на предвремени парламентарни избори оваа година? – Затоа и не ја укинавте техничката влада од овие парламентарни избори“, рече Митко Трајчулевски, пратеник на СДСМ.
Муцунски му одговори дека шири хистерија и дека добро знае дека уставните измени не се единственото барање од Бугарија, затоа и кон проблемот пристапуваат внимателно и со барање за гаранции.
Повеќепати поставеното прашање, зошто правосудниот испит не може да се полага и на албански јазик, предизвика остар политички дуел меѓу премиерот и пратеник од Европски фронт.
„Зошто фрлате оган врз соживотот? – Каков проблем има граѓаните да комуницираат помеѓу нив за да му служат на соживотот?, праша Скендер Реџепи од Европски фронт. Премиерот му одговори дека министерот од претходната влада можел да го реши проблемот.
„Но, знаете зошто тогаш не сте се бунеле? – Затоа што сте лицемерни! Затоа што сте „патриоти од Али Експрес“ кога сте во опозиција, а во влада промовирате зелени еко-агенди. Сега, во опозиција, сакате да создадете етнички конфликт таму каде што воопшто го нема“, одговори премиерот Христијан Мицкоски.
Дел од расправата се префрли и кон Венецијанската комисија, откако Мицкоски го критикуваше ставот на Реџепи за нејзината улога. Премиерот рече дека Венецијанската комисија е важна во европската методологија, а во истиот контекст ги спомна и пресудите на Европскиот суд за човекови права за македонската заедница во Бугарија.
Во однос на законот за правична застапеност, најави дека тој наскоро ќе се најде пред пратениците и дека очекува поддршка. Порача дека во новиот модел не треба да бидат пресудни процентите, туку квалитетот на кадарот и функционалноста на институциите.
Претседателот на Собранието денеска најави дека овој закон ќе оди во редовна процедура и побара сите кои имаат забелешки, да учествуваат со свои идеи преку амандмани.
Гаши се осврна и на најавената интерпелација за него, која ќе му биде втора по ред, велејќи дека е позитивен инструмент и добра можност да се соочат аргументите. Интерпелации се поднесени и за министрите Трипуновски и Тошковски за кои ќе се расправа во текот на следниот месец.
Од Тошковски, СДСМ и денеска побараа оставка.
„После толку жртви, убиства, насилства, пет тони дрога преку граница и целосен распад на безбедносниот систем, се отвора едно суштинско прашање: што уште треба да се случи? – Кога ќе си поднесете оставка?“, праша Миле Талевски од СДСМ.
Министерот му одговори дека е добро што опозицијата е здружена, па додека Левица поднесува интерпелација, СДСМ бара оставка, па очекува и ДУИ да измислат нешто, на пример, етнички тензии.
На прашањето, дали вицепремиерот Арбен Фетаи користи службено обезбедување, рече дека не води дневна евиденција и побара за тоа да се поднесе писмено барање на кое ќе одговори.
Далиборка Демјанска Цветановска
