Здравствените власти планираат реорганизација на болниците низ земјава. Сметаат дека има доволно болници и персонал кој треба паметно да се искористи. Акцентот се става на клиничките болници во Тетово, Битола и Штип кои ќе третираат повисоко ниво случаи, додека само најтешките ќе се праќаат во Скопје. Останатите општи болници ќе преземат дел од посложените интервенции.Така според директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, би се заштедиле пари – бидејќи можеби ќе се покаже дека нема потреба за изградба на нов клинички центар.
Најави и подобра распределба на медицинскиот кадар, односно лекарите од установите каде има вишок да се пренасочуваат таму каде што недостигаат, со цел сите болници да функционираат поефикасно.
„Во Куманово има 25 хирурзи, а нема анестезиолог, а на некое друго место е обратна ситуацијата. Мораме да го подобриме тоа организирање. Ние мораме да се фокусираме како овие болници и кадар што го имаме да го искомбинираме најдобро за да добиеме максимални ефекти“, рече Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.
Според него, децентрализацијата на здравството би значела лекарите од другите градови да добијат можност за посложени интервенции и професионален развој, со што би се намалила потребата тие да се префрлаат во главниот град. Дополнително, се разгледува можност кадар од Скопје повремено да ги покрива болниците каде има недостиг од лекари.
„Една опција е да им се даде суштина на општите и клиничките болници. Треба да им се дадат средства за да може и тие да функционираат. А, другата опција пак е дел од кадрите во Скопје да ги покриваат останатите“, рече Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.
Неодамна Министерот за здравство најави проект за реконструкција на клиничката болница во Тетово во вредност од 74 милиони евра, доизградба на болницата во Штип вредна 148 милиони евра и во Кичево од 18 милиони евра. Дел од овие пари ќе се финансираат со кредитот од Обединетото кралство.
Тамара Марковска
