Владата на Мицкоски признава дека нема пари за организирање референдум, на кој граѓаните треба сами да одлучат за својата иднина. Ова е уште една потврда дека во буџетот нема пари – пишува во партиското соопштение од СДСМ откако владата го отфрли предлогот на претседателот на СДСМ за референдум на кој граѓаните треба да одлучат за патот на земјава кон Европската Унија.
Од СДСМ обвинија дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ има пари само за криминални тендери, а нема пари за поголеми плати, како и за референдум на кој граѓаните треба да одлучат за својата судбина.
„Има пари за 161 тендер за семејната фирма на Томовски, има пари за 93 тендери за Мастеф, има за 51 тендер преку општините за омилената фирма на власта ‘Пирамид билдинг’, има пари за 74 тендери за ‘Ленди груп’, има 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, има од 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Има за нивните криминални тендери. Има за нов авион за Мицкоски да оди на море“, рекоа од СДСМ.
Од партијата на Филипче повторно повикаа власта да распише референдум.
