Прашањето за иднината на државата не е политичко, туку референдумско. Ваква е оценката на опозицијата, од каде што бараат токму така и да се третира. Власта да распише референдум и граѓаните самите да одлучат, а потоа партиите оттаму да го црпат легитимитетот за одлуките околу евроинтеграциите, вели лидерот на СДСМ.
Според Филипче, одговорноста е на власта, а за референдумското прашање може да се дискутира. Ова барање на опозицијата доаѓа само неколку дена откако повикаа на обединување околу уставните измени, со намера одговорноста за тој чин да биде заедничка. Од владејачката партија, сепак, останаа на цврстиот став за отворање на Уставот.
„Ова е прашање за сите нас, за секој еден граѓанин, за нашите семејства. Едноставно прашање за нашата иднина. Ова, почитувани граѓани, е референдумско прашање. Не може Христијан Тино Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Јасен е моментот од страна на ЕУ, се примаат земји членки после 15-16 години, повторно проширувањето е високо на агендата на Европската унија. И сега ние треба да го пропуштиме, а зошто?! Поради Христијан и бандата! Па, имаат ли памет луѓето што прават? Имаат ли памет?“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од владата стигна експресен одговор за барањето на СДСМ. Од „Илинденска“ број 2 не сметаат дека е потребен референдум, а тврдат и дека нема дилема за стратешките определби на државата за членство во Европската Унија.
„Да не трошиме време и пари на граѓаните. Ние сме за ЕУ и тоа е наша стратешка ориентација, што и го правиме на дело. А како изгледа кога СДС се залага за референдум без гаранции за европската иднина, граѓаните можеа да видат низ пластичен пример од последниот референдум организиран во 2019 година“, одговорија од владата.
Идната недела во посета на Македонија доаѓа претседателот на Европскиот совет, Анотнио Кошта. Истата ќе се реализира непосредно пред самитот за Западен Балкан. Кошта и минатата година во Скопје порача дека за Македонија нема „план Б“ туку само „план А“ и дека клучен услов на патот кон ЕУ се уставните измени.
„Ќе видиме што ќе каже Кошта“ вели Филипче и побара премиерот да објасни каков е ризикот од уставните измени. Премиерот Мицкоски, пак, при вчерашната заедничка прес-конференција со својот хрватски колега Пленковиќ, рече дека актуелната власт нема намера да прави идентитетски отстапки и дека е подготвена да ја плати цената за тоа.
Петар Догов
