Владата сѐ уште не ја кажува финансиската конструкција за целата прослава на 35-годишнината од независноста и како Авалон е избран да биде партнер. Портпаролот Марија Митева побара време да ги завршат сите подготовки за настаните, па потоа , како што рече, ќе излезат во јавност со конкретни информации.
„Постојат некои договорни клаузули за кои што не сме во можност сега да зборуваме. Но, дајте ни време да ги објавиме сите настани и веднаш ќе ја информираме јавноста за сите детали“, вели портпаролот на Влада Марија Митева.
На 1. септември на плоштадот Македонија во Скопје ќе се одржи заеднички концерт на големиот шпански тенор Хозе Карерас со повеќе наши докажани ѕвезди од класичната, рок и поп музиката. Карерас се враќа во Македонија по 21 година од настапот на Охридско лето, а ќе пее во придружба на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Давид Хименес.
„Карерас, еден е од најзначајните оперски уметници во светската музичка историја. Како член на легендарното Трио тенори, заедно со Пласидо Доминго и Лучијано Павароти, кои оставија неизбришлива трага во светот на операта. И познат е по својот лирски глас и исклучително емотивна сценска изведба“, рече Мустафа Имери – директор на Македонската филхармонија)
Како што кажа Бобан Милошески од Авалон, идејата за концертот е од лани и тоа е идеален проект за одбележувањето 35 години независност на Македонија. A, изборот на учесниците го направил тој. Ќе настапат: Влатко Стефановски, Калиопи Буклеска, Каролина Гочева, Ана и Игор Дурловски и Сузана Спасовска, под диригентство на Сашо Татарчевски. Аранжманите на нивните нумери за симфониски оркестар ги направи Николче Мицевски. Сите изразија задоволство дека ќе бидат дел од концертот , кој публиката ќе го проследи бесплатно.
Сотир Трајков
