Експерти од Градежен факултет – Скопје предупредуваат дека ископаната јама на улицата „Теодосиј Гологанов“, каде неодамна се случи свлечиште при изградба на зграда, мора итно да биде затрупана за да се спречи опасност од нови одрони и евентуална трагедија.
Според проценките, нестабилноста на теренот претставува сериозен ризик за околните објекти и за безбедноста на граѓаните.
Во текот на контролите било утврдено дека на локацијата се изведувале градежни работи без соодветен надзор. Надлежните констатирале дека фирмата задолжена за надзор не вршела увид на градежните активности, што отвора сомнежи за сериозни пропусти во постапувањето и непочитување на законските процедури.
Според деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, јамата треба да се затрупа и да се врати во првобитната состојба. Според него на градилиштето немало заштита според техничката документација и немало стручен надзор на терен кој можел да реагира навреме.
