Регионалниот центар на либанската служба за цивилна заштита во јужниот град Набатие утринава беше целосно уништен при израелски воздушен удар, и покрај примирјето кое е во сила од 17 април.
Објектот бил „директно погоден од непријателски израелски удар“, при што зградата целосно се урнала, а предизвикана е и голема материјална штета врз возилата и спасувачката опрема, се наведува во официјалното соопштение на Дирекцијата на либанската цивилна заштита.
Во нападот нема повредени меѓу персоналот бидејќи вработените биле навремено префрлени во друг објект пред самиот удар. Од службата за цивилна заштита најостро го осудија овој напад врз центар наменет за хуманитарни активности и помош, нагласувајќи дека ќе продолжат да ги извршуваат своите национални и хуманитарни обврски и покрај сè поголемите ризици и предизвици.
Хуманитарните работници и нивните објекти во Либан и претходно беа цел на неколку израелски напади, вклучително и по прогласувањето на примирјето меѓу проиранската група Хезболах и Израел на 17 април, кое неодамна беше продолжено.
Според податоците на либанското Министерство за здравство, од почетокот на војната во Либан на 2 март, која уследи по американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари, досега загинале 123 припадници на екипите за цивилна заштита и медицински персонал.
