Бројни реакции од јавноста и политички претставници од Битола предизвика недоличното прославување на шампионската титула од страна на фудбалскиот клуб Вардар, на кое се пееја навредливи и вулгарни песни за македонската пејачка Каролина Гочева.
Меѓу првите реагираше советникот на ЛДП, Димитар Кузмановски, кој оцени дека ваквото однесување е недозволиво и побара преиспитување на поддршката за, како што наведе, „проекти финансирани од сите граѓани“. Тој порача дека „ФК Пелистер, Каролина Гочева и Битола заслужуваат почит“.
Советничката од СДСМ, Софија Ристевска, го осуди скандирањето, оценувајќи го како „сексистичко“, додавајќи дека станува збор за „родово базирано насилство и говор на омраза“.
Со реакции се јавија и претставници на локалната власт. Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, истакна дека навредите кон Битола и Каролина Гочева се „недозволиви и срамни“, потенцирајќи дека спортот треба да обединува, а не да создава поделби и нетрпеливост.
Претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојковски, напиша дека јавните личности во спортот треба да бидат пример за младите,a градоначалникот на Битола, Тони Коњановски,го осуди навредливото однесување на претставници на ФК Вардар, оценувајќи дека прославите и спортските настани мора да се одвиваат достоинствено и без навреди и вулгарности, при што побара и извинување од раководството на клубот.
Со официјален став се огласи и ФК Пелистер, од каде најостро ги осудија „навредливите и понижувачки пораки упатени кон жените од Битола“, оценувајќи дека фудбалот не смее да биде простор за ширење омраза, сексизам и примитивизам.
Случајот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи и отвори дебата за однесувањето на спортските работници и јавни личности, како и за односот кон жените и јавниот говор во спортот и општеството.
Емилија Мисирлиевски
