Од 30 до 35% од населението се дебели. Оваа болест во изминатите години достигнува алармантни размери велат ендокринолизите, а особено предупредуваат за развојот на децата. Секој осми човек во светот се соочува со обезност. Во Штип во поранешната модуларна болница отворен е центар за обезност, со цел лицата со прекумерна телесна тежина да добиваат редовна тераприја и совети како да се справат со болеста.
„Со отварањето на овој центар пациентите имаат каде за прв пат да се обратат, односно каде да бидат третирани нивните коморбидитети. Покрај обезноста, која знаеме дека не е само натрупување на масно ткиво во организмот, туку е придружено со останати заболувања, како дијабетес тип 2, хормонални нарушувања, метаболен синдром и ова претставува значајна придобивка за пациентите од овој источен регион и за нивното здравје“, вели Стојка Докузова ендокринолог КБ Штип.
Пациентите треба да закажат преку системот „Мој термин„, да имат упат од матичен лекар и да приложат основни лабараториски анализи. Во фокус на испитувањето ќе бидат вредностите на шеќерот во крвта, функцијата на црниот дроб, како и нивото на добар и лош холестерол.
„Целта е да се понуди терапија со помош на која ќе се обезбеди една нормална здрава телесна тежина и ќе се намалат здравствените ризици на пациентите. Што се однесува до терапијата потребно е кај сите промена на животниот стил“, рече ендокринологот Валентина Велковска.
Пациентите ќе имаат и прирачник за правилна исхрана, кој го имаат напишано група на македонски ендокринолзи и дијабетичари. До 2035 година се очекува бројот на дебели луѓе да достигне околу 4 милјарди.
Викторија Јованова
