Пензискиот систем во Македонија се соочува со сериозни демографски и финансиски предизвици, но исплатата на пензиите останува сигурна, уверува директорот на Пензискиот фонд, Никола Мемов во „Топ Тема“.
Според најновите податоци, во државата има околу 347 илјади пензионери, додека односот меѓу вработени и пензионери континуирано се влошува. Ако во 2016 година имало 1,86 вработени на еден пензионер, во 2025 година тој однос паднал на 1,64, што значи дека сѐ помал број активни работници го финансираат системот.
„Граѓаните треба да бидат сигурни дека пензискиот систем не може да колабира, бидејќи исплатата на пензиите е гарантирана од државата. Сите недостатоци ќе се покријат од буџетот, што значи дека пензии ќе има сѐ додека постои државата“, истакна Мемов.
Токму поради ваквиот притисок, трансферите од државниот буџет кон ПИОМ постојано растат, при што значителен дел од средствата се користат за зголемување на пензиите, здравствено осигурување на пензионерите и трошоци поврзани со вториот столб.
„Околу 30 милијарди денари од буџетските трансфери се наменети за зголемување на пензиите, 13,7 милијарди за здравствено осигурување, а речиси 19,6 милијарди денари за транзициски трошоци кон вториот столб“, појасни директорот.
Дополнително, пензиите во изминатиот период бележат раст од околу 7 илјади денари, а од септември 2026 година повторно ќе се применува т.н. швајцарски модел за усогласување.
Мемов се осврна и на прашање за начинот на финансирање на здравственото осигурување на пензионерите, кое во моментов се покрива од придонесите за пензиско осигурување.
„Значи кога осигурениците, односно сите вработени кои плаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување тие се на висина од 18,8% преку тие придонеси граѓаните остваруваат право на пензија. Преку месечното плаќање на здравствено осигурување со тоа граѓаните осигуруваат и здравствена заштита тој месец. Законот не предвидува дека со плаќање на придонеси на здравствено осигурување ќе се стекнат со право на здравствено осигурување кога ќе се пензионираат. Така е дефинирано во законите. Е сега ние можеме да дискутираме за овие прашања, да се отворат во рамки на министерството за здравство, министерството за социјална политика, демографија и млади и да се дискутирааат овие состојби. Зошто од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување се исплаќа здравствено осигурување на пензионерите “, нагласи Мемов.
Т.Д.
