Спорт Фудбал

Седлоски: Поразот од Данска боли, но против Ирска ќе мора да покажеме карактер

Македонската фудбалска репрезентација и Република Ирска утре во Даблин ќе се соочат во пријателски натпревар по поразите во полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство.

Тешко е да се најде мотивација за игра по дебаклот во Копенхаген од Данска со 4-0, но селекторот Гоце Седлоски очекува позитивна реакција од играчите кои ќе добијат шанса.

„Секој пораз боли, тоа е неспорно. Сѐ уште го чувствуваме разочарувањето од мечот со Данска, но остануваме смирени и фокусирани. Работата на тренинзите е на високо ниво, а наша обврска е да реагираме многу подобро на теренот. Ги анализиравме пропустите и сега е на играчите што ќе добијат шанса да го дадат својот максимум. Особено ме радува тимскиот дух што владее во соблекувалната.

Против Ирска ќе мора да покажеме карактер, дисциплина и цврстина во дуелите. Ги следевме нивните последни настапи, против Чешка беа физички доминантни и агресивни во воздушните дуели, додека против Унгарија демонстрираа и технички квалитет. Очекуваме сериозен предизвик.

Планирам да ротирам и да им укажам шанса на неколку нови фудбалери, а верувам дека ќе ја оправдаат довербата. Сакам да нагласам дека репрезентацијата е отворена за сите, секој сам одлучува дали ќе го носи овој дрес. Се игра за Македонија, а не за поединци“, изјави Седлоски.

За голманот Столе Димитриевски не постојат неважни натпревари. Секој настап во репрезентацијата е мотив повеќе за победа.

„Јас сум професионалец, секогаш доаѓам да победувам, особено кога играм во дресот на Македонија. Имаме два убедливи порази во последните два натпревари, ги анализиравме грешките и јасно е дека мора да покажеме дисциплина во дефанзивата и да ги освоиме тие втори топки. Доколку бидеме подобри во тој сегмент, ќе имаме повеќе напади од противникот, а ривалите нема да имаат толку удари кон нашиот гол. Работиме, разговараме, анализираме и мора да се подобриме“, изјави Столе Димитриевски.

Утрешниот натпревар помеѓу Република Ирска и Македонија се игра со почеток од 20:45 часот во Даблин.

Фото: Фудбалска федерација на Македонија

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Навивачите со камења и пиротехника, полицијата со солзавец, шок-бомби и водени топови – нереди во Буенос Аирес по поразот на Аргентина во финалето на СП

Sasko Dimovski

(Видео) Скалони се расплака и ја прекина прес-конференцијата по поразот на Аргентина во финалето на СП 2026

Sasko Dimovski

Де ла Фуенте: Шпанија има златна генерација на фудбалери, покажавме што значи да се биде семејство

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе