Премиерот не и вршел притисок и не ја нарушил самостојноста на обвинителката Ленче Ристоска затоа што не ја спомнал со име и презиме кога кажа медиокритет за обвинителка од СЈО, оцени Советот на јавните обивнители . Според членовите на комисијата формирана од Советот, термините медиокритет со клиентелистичка политичка матрица може да се ценат како вредносни или критички но тие оцениле дека не претставуваат повреда на професионалниот интегритет на обвинитлеот
„Во предметните изјави, премиерот не наведе ниту идентификува на било кој начин конкретен јавен обвинител ниту овие изјави биле поврзани со конкретни предмети или донесување конкретна јавно обвинителска одлука . Поради што отсуството на индивидуализација на обвинителот подносител на извествувањето за наводна повреда ја исклучува можноста да се утврди реално и конкретно влијание врз самостојноста на јавниот обивнител и не може да се доведе во причинско последична врска со самостојноста во нејзиното одлучување“, рече Марјана Илиевска, член на Совет на Јавното обвинителство.
Советот гласаше едногласно меѓу нив и новиот државен обвинител Савески кој најави дека утре на брифинг ќе одговори на прашањата на новинарите. Во конкретниот случај премиерот не бил консултиран да даде свој став затоа што немале потреба од тоа но ставот на Советот е во насока на тоа што тој претходно го кажа во јавноста дека Ристоска не е спомената и дека се препознала.
Советот испраќа порака дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со притисоци, навреди и клевети од засегнати страни и центри на моќ, вели Ристоска
„За мене е сосема јасно дека изјавата на претседателот на Владата се однесува на мене, а доколку Советот имал дилеми во однос на индивидуализацијата на изјавата, можел да го повика изјавувачот да појасни на кого се однесувала неговата изјава. Дополнително, целосно е занемарен и контекстот во кој е дадена изјавата, а кој објективно упатува на притисок врз мојата работа и мојот професионален интегритет. Имено, предметите во кои се засегнати интересите на политичката партија ВМРО ДПМНЕ се единствените предмети кои јас како обвинител ги застапувам на суд, а изјавата доаѓа од претседателот на Владата кој како законски застапник на обвинетата политичка партија има директен процесен интерес од исходот на овие постапки“ изјави обвинителката Ленче Ристоска.
Ристоска уште тогаш побара но не доби јавно извинување од премиерот Мицкоски. Таа ги води случаите „Талир 1” и „Талир 2” за незаконско финансирање и партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, поради што неговите изјави ги доживува како несоодветен притисок врз работата.
Спорната изјава на Мицкоски беше дадена во контекст на измените на КЗ што ги предложија пратеници од ВМРО-ДПМНЕ а токму нив претходно ги критикуваше Ристоска.
Елена Ивановска Мукоска
