Вести Македонија Топ вести

Ќе се повлечеме од набавка на нов владин авион и ќе се молиме да останеме живи и да не се урне лирџетот- Мицкоски за користењето на државниот воздухоплов

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата ќе се повлече од намерата да купи нов воздухоплов и дека тоа прашање, кое го смета за беспредметно, ќе го остави за некоја идна влада. Тој го критикуваше политизирањето на ова прашање, велејќи дека освен за потребите на Владата, авионот би се користел и за хуманитарни цели.

-Ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање на Телма за користењето на владиниот авион и за начинот на определување на користење на владиниот лирџет.

-Бидејќи се отвори дебата за мене, должен сум да одговорам. Јас го корисетв не три, туку четири пати, рече Мицкоски.

Тој објасни дека еднаш го користел воздухоловот кога на покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан имал билатерална средба во Будимпешта и учество на активности на партијата на Орбан, ФИДЕС. Натаму патувал со комерцијалне лет до Виена, а за назад авионот дошол по премиерот во Виена затоа што имал итни неодложни состаноци во Скопје.

Вториот пат бил исто така на покана на истата партија на настан кој што Унгарците го организирале во Белград. Во одговорите на владата до Телма, по пристап до информации од јавен карактер, за тој лет не беше наведено кој патувал, но Мицкоски изјави дека одел во придружба на припадници на неговото обезбедување.

Третиот пат бил до Хрватска со комерцијален лет на „Кроација ерлајнс“ до Сплит на покана на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, при што имал работна вечера. Годишниот одмор кој што требал да трае три дена го продолжил за еден ден, поради што го испуштил повратниот лет со комерцијалниот лет до Скопје, а следниот ден, како што појасни, имал неодложни обврски, па затоа дошол владиниот воздухоплов, го зел од аеродромот во Сплит и го донел во Скопје. Премиерот не прецизираше дали патувал сам или со членови на неговото семејство.

Четвртиот пат бил деновиве заедно со шефот на неговиот кабинет и со советникот за надворешни работи, амбасадорот Марковски, до Тирана и од Тирана до Скопје.

-Еве сега најавувам дека во почетокот на јуни најверојатно ќе го користам владиниот водухоплов до Подговица и истиот ден ќе се вратам назад, бидејќи не би сакал да останам повеќе од еден ден поради неодложните обврски кои што ги имам во Владата, рече премиерот Мицкоски.

Мицкоски рече дека владиниот воздухоплов е сѐ уште во возна состојба и додаде дека лицата кои го управуваат лирџетот се “тие кои што ининицираа да се обидеме да обезбедиме средства за нов воздухоплов“.

Владиниот „лирџет 60“ е произведен во 2004-та во Канзас, САД, во производен погон на „Бомбардиер аероспејс“ и е вклучен во авио-сообраќајот од 2005-та година. Македонија го набави во мандатот на премиерот Владо Бучковски откако претходниот владин авион од типот „Кинг-Ер“ падна кај Мостар, а во трагедијата загина претседателот на државата Борис Трајковски и и државната делегација која патуваше на конференција во БиХ. Авионот има среден долет и од Македонија може да се лета низ Европа и на дестинации на Блискиот Исток, но не и да се користи за прекуокеански летови. Има седум седишта, а екипажот се состои од двајца пилоти. Може да развие поголеми брзини од редовните авио-превозници.

Премиерот ја обвини опозицијата дека ја наметнува темата во јавноста и покрај договорот за некритикување на набавката на нов авион бидејќи со него ќе се возат безбедно и сегашната, но и идните влади.

-Гледам дека од опозицијата се создава оваа тема иако на една од лидерските средби, формални и неформални, што сум ги имал со претседателот на СДСМ, тој беше многу јасен и рече дека за ова не треба да се критикува Владата и дека тие нема да ја критикуваат Владата бидејќи утре ќе биде друга влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини, рече Мицкоски.

Владиниот авион „лирџет“, според податоците кои го доби Теллма два пати се користел за хуманитарни цели од летото 2024-та до крајот на 2025-та,  еднаш за превоз на повредени од пожарот во Кочани, а втор пат за префрлање на македонски граѓани од Израел за време на војната во Газа.

Хит дестинација на владиниот лирџет – Будимпешта, Силјаноска и Николоски најчесто патуваат, Мицкоски летал до Јадран, а Гаши со сопругата

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Комисијата за заштита на конкуренцијата ограничувала конкуренција при набавки, утврди ДЗР

Kristina Kuzmanovski

Тетовчанка пријавена за физички напад и закани кон свекрва

Kristina Kuzmanovski

Аудио- визуелно предавање за македонската рок музика вечерва во Загреб

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе