Во штипскиот регион не запира ширењето на коронавирусот, во денешниот здравствен билтен регистрирани се 17 нови случаи. Директорката на Центарот за јавно здравје, Марија Димитрова вели дека новите случаи се контакти, а заразените се на различна возраст. Епидемиолозите веќе не ги препознаваат ниту по кластери.
Нема веќе кластери и правила на ширењето на вирусот, новозразените се контакти и ги има од секаде. Ако до пред некое време ни беа познати фабричките кластери, сега вирусот се шири низ нивните контакти, вели Димитрова.
Вирусот освен во конфекциите се рашири и низ повеќе државни и општински институции, каде што има по еден или неколку случаи, а нема појава на поголема група на заразени, како што беше примерот со конфекциите. Поголеми бројки на новозразени деновиве се појавуваат и во Пробиштип, Свети Николе и Кочани, каде што вирусот пристигна од конфекциите, односно работници од овие општини работат во штипските фабрики.
Како што се зголемуваат бројките, така се зголемува и бројот на хоспитализирани пациенти во регионалниот Ковид центар во штипската Клиничка болница. Во моментов се хоспитализирани 45 пациенти.
На Инфективното одделение имаме 40 пациенти позитивни на коронаинфекцијата, а петмина се сомнителни. Четворица пациенти се со висока температура и повремена кислородна поддршка, останатите се со средна здравствена состојба, вели Ален Ѓеорѓијев директор на Клиничка болница – Штип.
На одделот за неврологија се сместуваат нови пациенти, а веќе втори ден на инфектолозите им помагаат и интернисти, кардиоолизи и анестзеиолози, а зголемен е и бројот на медицински сестри од другите одделенија
Викторија Димитрова Јованова