Вести Македонија Топ вести

Допрва следува хаос со јавниот превоз во Скопје кога учениците ќе почнат на школо

Хаосот со јавниот превоз во Скопје допрва следува. На ЈСП му недостигаат околу 40 автобуси за да го покрие летниот возен ред. Граѓаните се жалат дека на топлото време чекаат автобус по 40 минути, но за еден месец ќе биде уште полошо.

Од 1 септември треба да почне возењето по зимски возен ред, зашто  учениците се враќаат на школо, па ќе има потреба од повеќе и почести автобуси кои ги нема, вели директорот на ЈСП во интервју на МИА.

„По возен ред треба да имаме околу 234-235 автобуси, ние располагаме, тоа на дневна основа се менува во зависност дали имало некаква сообраќајка или нешто, има некаде околу 190 автобуси. Околу 40 автобуси ни недостигаат за летниот возен ред. Ние со овој возен парк со којшто располагаме не можеме да го покриеме претстојниот зимски возен ред. Не сме ни оддалеку блиску да го покриеме тој зимски возен ред“, вели директорот на ЈСП Драги Кушовски.

Тој им порачува на граѓаните ич да не ги следат електронските табли кои покажуваат кога ќе дојде автобус или апликациите за распоредот на возење. Распоредите се според официјалниот возен ред изгласан од Советот на Град Скопје, кога имало повеќе автобуси.

„Дали се почитува целосно возниот ред, тоа не можам да ви одговорам во моментов затоа што тоа на дневна основа се менува во зависност од тоа со колку автобуси располагаме на дневна основа“, вели Кушовски.

Минатиот месец, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која има мнозинство во Советот на Град Скопје, по 20-ти пат не го изгласа предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за набавка на нови автобуси. Советниците велат за тоа не се предвидени пари во буџетот.

Арсовска стана градоначалничка кон крајот на 2021 година со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но по неполна година се скараа поради тендерот за пречистителната станица тежок над 160 милиони евра.

Оттогаш, скопјани се жртва на нарушените односи меѓу нив. Инциденти со автобусите на ЈСП има скоро секој ден. Пукаат гуми, се палат, прават сообраќајки поради неисправност…

Градоначалниците на скопските општини побараа од владата да ѝ ги одземе на Арсовска ингеренциите за јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, и оти тие ќе се погрижат за хигиената и парковите. Но проблемот со ЈСП е посложен, зашто не може да се подели меѓу општините.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мојсоска: Собранието ќе мора да ги обелодени патните трошоци на пратениците

Дејан Дејан

Наскоро решение за растот на цените на прехранбените производи – Мицкоски со најава од Битола

Дејан Дејан

„Бехтел&Енка“ досега наплатила над 300 милиони евра од државата, во април над 1,1 милијарда денари – извештај на ЈПДП

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе