Проблемите на Онкологија се бројни, а решенијата бавни. На оваа клиника паѓа најголемиот товар и тука се слеваат тешко болни пациенти од целата држава, а министерот Таравари сега најавува дека месецов започнува потрагата по решенија за хаосот.
Недостатокот на медицински сестри, доктори, техничари и друг кадар ќе се решава на ниво на Влада, а лекувањето ќе се дисперзира и во други установи.
Најдоцна до крајот на летото, на Онкологија ќе има и нови упатства за лекување на пациентите.
„Поразговаравме за тоа како можеме што поскоро да ги активираме амбулантите во Тетово, во ГОБ „8 септември“ и во Битола. И таму има одредени недостатоци на кадар. Ние сме при крај со подготовка на насоки – кога и каде треба да се даде терапија. Да бидеме искрени, некаде треба и да рационализираме. Јас не верувам дека колегите тука даваат терапија каде што не треба или не даваат таму каде што треба. Меѓутоа, кога ќе имаме одредени насоки, потоа ќе се знае точно каде и кога треба да се даде терапија. И ќе биде многу појасно“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
„Онколошкиот конзилиум и натаму функционира. Тој е составен од нашите лекари, клинички онколози. На тој конзилиум се одлучува конзилијарно за терапијата и мислам дека на сите пациенти кај кои ќе биде индицирано, ќе ја добиваат терапијата“, вели д-р Игор Стојковски, директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.
Онколошките пациенти, како многупати досега, побараа поддршка од првите луѓе во здравствениот сектор, а добија и ветување за нова терапија и современи лекарства.
За ова ќе биде потребно прекројување на пресметките и ребаланс на Буџетот и тоа веќе е во план, вели новоназначениот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
„Сега претстои ребаланс на Буџетот на државата и ние ќе направиме максимален напор да ги обезбедиме неопходните буџети за лекување и на Онкологија и на Хематологија и во другите болници каде што има условни буџети“, вели директорот на ФЗОРСМ, Сашо Клековски.
Министерот Таравари тврди дека веќе има кадар кој веднаш може да биде активиран и распределен за да се амортизира недостатокот на персонал, иако голем број од здравствените работници постојано заминуваат надвор од државата.
Од Здравство планираат мораториум за одредени специјализации, со една цела – да се стимулираат онколози и патолози, кои се особено дефицитарни во нашиот систем.
Петар Догов