Вести Македонија Топ вести

„Не очекувам талибански однос“ – Мицкоски му одговори на Мицотакис, по заканите за изолација без почитување на Преспанскиот договор

„Не очекувам талибански однос“ – со таков избор на зборови, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговори на прозивките од соседството, за почитувањето на Преспанскиот договор.

Ова доаѓа откако премиерот на Грција, најави дека прашањето ќе го отвори на претстојниот НАТО Самит, кој ќе се одржи во првата половина на јули во Вашингтон.

Притоа, Мицотакис кажа дека очекува од мандатарот за премиер јасно и категорично да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името Северна Македонија е „ерга омнес“ или за севкупна употреба, оценувајќи дека во Скопје сепак ќе преовлада логиката.

Мицкоски, кој до крајот на неделата треба да го добие мандатот за состав на Владата, пак, оценува дека заострената реторика која доаѓа од соседството е дел од нивната предизборна кампања.

Сѐ што е содржано во Преспанскиот договор ќе биде испочитувано од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но слободата на изразување на секој човек ќе остане неприкосновена, кажа претседателот на партијата денес пред камерите на медиумите.

„Што се однесува на хистеријата којашто се случува кај нашиот јужен сосед, Претпоставувам дека тоа е дел од нивната предизборна кампања. Не очекувам талибански однос и цензурирање на елементарното човеково право. А, сѐ што е содржано во Преспанскиот договор и е дел од нашиот правен систем и Уставен поредок, идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува. Но, мое човеково право загарантирано со многу конвенции е правото на слобода на изразување и говор“, вели во изјава за медиумите претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ако се отвори прашањето околу Преспанскиот договор на претстојниот НАТО Самит, Мицкоски вели дека неговата порака ќе биде да се градат мостови на соработка и на пријателство со соседите.

За грчката страна во моментов намерата на ВМРО-ДПМНЕ е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите, додека Скопје останува изолирано и затоа потребни се напори државата да се врати на тешкиот пат на усогласување со европските критериуми.

Вчера и шефицата на државата, порача дека заканите од Грција не се во духот на развивање пријателски односи со соседите.

Прашањето за уставното име на државата и почитувањето на Преспанскиот договор се отвори повторно откако новоизбраниот претседател, професорката Гордана Сиљановска-Давкова при свечената изјава во Собранието избегна да го изговори целосното име, туку користеше само Македонија.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Бруталистичка улица“ меѓу десет најдобри проекти на Венециското биенале за архитектура според „Артрибјун“

Дејан Дејан

Обвинителството бара казни за модуларна,обвинетите слобода – додека роднините на загинатите, 3 години и 8 месеци чекаат правда

Дејан Дејан

„Македонија 2025“: Корупцијата најголем проблем, дигитализација за развој на економијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе