Двајца доктори се членови и на Комисијата која изврши надзор на работењето на државната Кардиохирургија и на Комисијата која треба да одлучи дали болницата „Ремедика“ ги исполнува условите за да отвори одделение за кардиоваскуларна хирургија покажуваат документите на министерството за здравство. Станува збор за докторите Никола Граматниковски и Горан Кондов а од министерството нема одговор дали има евентуален судир на интереси или е етички истите да одлучуваат за две различни клиники. Во комисијата која треба да одлучи дали ќе се даде зелено светло за нова кардиохирургија е и докторот Сашко Јовев кој раководеше со државната кардиохирургија, беше сменет и потоа имаше инцидент со неговиот наследник докторот Марјан Шокаровски.
Според извештајот на министерството за здравство кој е објавен на официјалната страна на социјалната мрежа „Фејсбук“, но не и на официјалниот сајт на министерството, на државната Кардиохирургија во 2022 година извршени се 381 хируршка интервенција а починале 46 пациенти односно 12 отсто додека наредната 2023 година извршени се 447 операции а починале 68 пациенти односно 15 отсто. Бројките се темелат врз податоците внесени во хируршкиот дневник на Клиниката и покажуваат дека има покачување на смртноста како што тврди министерот Демири но е 3 отсто и е незначително како што кажа сега веќе поранешниот директор на Клиниката доктор Марјан Шокаровски.
Министерот Демири го издава решението за стручен надзор на Клиниката на 13 март годинава.
Во тој период „Ремедика“ преку директорката Елица Јорданова на 4 и на 26 март и на 16 април доставува барање до министерството за здравство за формирање на комисија која треба да ги провери условите во однос на просторот, опремата и стручниот кадар за отворање на одделение за кардиовасклуарна хирургија.
Според официјално достапните податоци болницата „Ремедика“ е сопственост на две фирми од кои едната „ Рудници и железарница КОПР “ е во стечај а другата „Репро Оне Лимитед “ е офшор компанија и двете компании водат кон бизнисменот Минчо Јорданов.
Од Антикорупциската Комисија соопштија дека претставката од Шокаровски е примена и дека е оформен предмет по кој се постапува а со оглед на фактот дека станува збор за предмет поврзан со изборите и изборниот процес рокот е пет дена па одлуката ќе биде донесена и реферирана следната недела.
Огнен Чанчаревиќ
Реакција по емитување на прилогот
Професорот Сашко Јовев демантира дека имало инцидент во кој тој е инволвиран на клиниката за кардиохирургија. Тој тврди дека повторно се даваат невистините тврдења кои го нарушуваат неговиот углед и честа.