Олександр Усик стана првиот непоразен светски шампион со четири појаси откако синоќа во Ријад го совлада Тајсон Фјури епска борба од 12 рунди во тешка категорија во бокс.
Усик му го нанесе првиот пораз во кариерата на Фјури со поделена одлука на судиите (2-1). Британецот можеби беше подобриот боксер во почетните рунди, но за малку ќе се најдеше на подот во 9.рунда. Украинецот успеа да зададе серија силни удари, па судијата интервенираше и му броеше на Фјури кој едвај се задржа на јажињата. Веднаш потоа дојде и ѕвоното за крај на рундата, па Британецот доби време да се созеде. На крајот судиите пресудија во корист на Усик, кој го освои ВБЦ шампионскиот појас на Фјури и ги придодаде на своите три во ВБА, ВБО и ИБФ, што ги освои против Ентони Џошуа.
Усик сега е со скор од 22 победи на исто толку борби од кои на 14 славеше со нокаут. Фјури има 34 победи, едно реми и сега еден пораз во кариерата. Се очекува Британецот веднаш да ја искористи клаузулата во договорот за реванш.