Вести Македонија Најважни

Кршеле и дивееле на манастирски имот – црквата Св. Атанасиј во Тетово повторно мета на вандали

Безброј остри парчиња стакло разнесени на подот во црквата Св. Атанасиј. Скршени се стаклата на прозорците, а со тоа и мирот на ова место, на тетовското Кале.

Вандалите дошле со една намера – да направат штета и да си заминат. Не одзеле ништо материјално.

Ги центрирале прозорците еден по еден и сите успешно ги погодиле. Нанесена е сериозна штета, реагираат од Тетовско-Гостиварската Епархија.

Тие утрово пријавиле во полиција, за упадот на манастирскиот имот.

„Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото Воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност“, се вели во дел од соопштението на Тетовско-Гостиварската Епархија на МПЦ-ОА.

Вандалите пред да ги кршат стаклата на прозорците, го искршиле и катанецот на влезната врата на црквата. Случајот го потврдија и од Секторот за внатрешни работи Тетово.

По пријавата, бил извршен увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од тетовската полиција.

Црквата вторпат е мета на сквернавење, во краток временски период. Пред десетина дена, непознати сторители поставиле знаме на Албанија на куполата на црквата и обележје на „УЧК“ на манастирскиот имот.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски прашува – колку пати треба да се повтори вандализирањето, пред да реагираат институциите?!

„Згрозен сум од тенденцијата и од насоката во којашто се развиваат односите особено во Полошкиот регион. Ценам дека е срамен и психопатски чин на сторителите, да вандализираат храм којшто никому и на ниеден начин не може да наштети. Во време кога двете најзастапени религии се во најсветите пости, кога луѓето треба да ги покажаат своите најдобри страни и да ги јакнат на сметка на оние најслаби, нечовечки чувства коишто секој човек може да ги пројави и да ги потиснат, да ги уништат во себе – нам нѝ се случува вакво нешто што нѐ враќа назад“, вели Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, во изјава за Телма.

„Суштината на проблемот е во неказнивоста“ оценува Сотировски и повикува, целото општество да застане на патот на „квази-националистичкиот пубертет“.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе