САД изразуваат разочарување заради тоа што вчера во Брисел не беше постигнат напредок во последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Времето истекува“, САД „сакаат да видат напредок“, вели неименуван портпарол на Стејт департментот за Радио Слободна Европа.
„Сакаме да видиме напредок во однос на обврските преземени во дијалогот, вклучително и формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство. Ќе се консултираме внатрешно и со нашите европски партнери за следните чекори“, изјавил портпаролот на американскиот Стејт департмент.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Аљбин Курти, во четвртокот се сретнаа во Брисел, првпат од почетокот на последната криза на северот на Косово, која изби на крајот на мај.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, по заедничката средба изјави дека и покрај големите напори „не е можно да се надминат разликите“, бидејќи Курти инсистирал на фактичкото признавање на Косово како прв чекор во спроведувањето на Договорот за Патот за нормализирање на односите, додека Вучиќ го прифати компромисниот предлог на ЕУ.
Според Борел, компромисниот предлог подразбира дека справувањето со политичките аспекти на нормализацијата на односите и процесот на формирање на ЗСО се одвива паралелно.