Не знам што треба да се случи за институциите конечно да го слушнат мојот глас. Со овие зборови, во потресно видео објавено на социјалните мрежи, млада девојка од Куманово јавно побара помош, тврдејќи дека со години таа и целото семејство се жртви на семејно насилство. Според нејзините наводи, нејзиниот татко, кој има психичко растројство и е под дејство на алкохол речиси секојдневно, ја малтретира целата фамилија – неа, нејзината мајка, баба и братот, кој боледува од церебрална парализа.
„И само Господ знае колку пати ми се треселе рацете, колку пати сум плачела додека сум ги работела своите клиенти. Само Господ знае колку пати меѓу термините телефонот ми бил во раце за да викнам полиција. Само Господ знае колку пати ми трепереле и рацете и срцето и сум била вознемирена со страв дека некој ќе ја убија мајка ми доле или баба ми. Ние сме три жени коишто живееме со човек којшто постојано ни прети дека ќе не убие, којшто имал обиди и за самоубиство и за убиство спрема нас“, изјави Меланија Цветковска, жртва на семејно насилство.
Девојката раскажува дека таткото во неколку наврати бил хоспитализиран на психијатриско лекување, но престојот траел кратко. Според неа, обидите да остане на лекување биле неуспешни, бидејќи, како им било кажано нема слободни места.
Во видеото таа детално ја опишува секојдневната борба на целото семејство кое, како што вели, постојано живее во страв и неизвесност. Тврди дека повеќепати добивале закани по живот и прашува дали е потребно да се случи убиство за надлежните конечно да преземат конкретни мерки и да ги заштитат жртвите на семејно насилство.
„И дури е жалосно да кажам дека ми се потребни врски за да некој биде сместен во ментална установа. Јас не знам во кој век живееме, меѓутоа ова лудио и оваа агонија мора да престане“, вели Меланија Цветковска, жртва на семејно насилство.
Откако видеото стана јавно и се прошири на социјалните мрежи, на прашање до СВР Куманово, соопштија дека ќе го проверат слуачјот и дали претходно постапувле по пријави.
Eмилија Мисирлиевски
