Шкендија остро реагираше по последната одлука на Фудбалската федерација на Македонија против тетовскиот клуб и побара таа итно да биде преиспитана и коригирана. Во спротивно, спонзорот најави можност за повлекување од клубот, односно од фудбалот во Македонија.
Во реакцијата се наведува дека Шкендија со години функционира сериозно, коректно и со целосно почитување на спортските и финансиските обврски, а со настапите во Европа значително придонела за подобрување на коефициентот на македонскиот фудбал.
Спонзорот смета дека одлуката му нанесува штета на сериозен проект и порача дека, доколку ФФМ не ја повлече, сериозно ќе ја разгледа можноста за прекин на поддршката.
За потсетување, Дисциплинската комисија на ФФМ вчера ѝ изрече казна на Шкендија во вкупен износ од 105.000 евра поради низа прекршоци за време и по завршувањето на финалето од Купот на Македонија против Силекс. Тетовци дополниелно се казнети и со исфрлање од Купот за следната натпреварувачка сезона. Финалето го доби Силекс со 1-0, а по натпреварот фудбалерите на Шкендија одбија да ги примат медалите. Дополнително, беше исвиркана македонската химна, имаше националистички навреди и беше истакнат транспарент со нацистичка содржина за кој Шкеднија сезонава веќе беше казнета од УЕФА.
Во продолжение можете да ја прочитате и целата реакција на ФК Шкендија.
„По последната одлука на Фудбалската федерација на Македонија против Шкендија, спонзорот на клубот бара итно преиспитување и корекција на скандалозната одлука.
Шкендија е еден од ретките клубови што низ годините функционираше сериозно, коректно и со целосно почитување на спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес во изминатиот период беше проследен со големи трошоци, труд и жртви. Дополнително, Шкендија е клуб кој со своите достоинствени настапи во Европа го подигна коефициентот на лигата, од што корист имаат сите домашни клубови, а благодарение на тоа, од следната сезона македонскиот фудбал ќе има и дополнително место во европските купови.
Затоа е неприфатливо одлуки донесени на маса да му нанесат штета на еден сериозен проект и ваквиот придонес да биде награден со намерен удар. Ваквиот пристап нè принудува да ја разгледаме можноста за повлекување од клубот, односно од фудбалот во Северна Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, ние како спонзор сериозно ќе ја разгледаме можноста за натамошно продолжување на поддршката, бидејќи оваа одлука ги нарушува правата и политиките на клубот.
Очекуваме органите на ФФМ итно да реагираат и да ја преиспитаат одлуката, во интерес на спортската правда, клубот и иднината на фудбалот воопшто“, се вели во реакцијата.
