Не е доволен напредокот постигнат, особено во делот на владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата. Вакво предупредување стигна од членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент кои со 43 гласа „за“ и 17 „против“ и 13 „воздржани“ го усвоија Извештајот за Македонија на известувачот за земјава, Томас Вајц.
Притоа тие нагласуваат дека напредокот на земјава во преговорите за пристапување продолжува да зависи од трајни и длабински реформи.
- „Тие жалат за недостaток на напредок од последниот извештај и нагласуваат дека итно се потребни обновена политичка посветеност и меѓупартиска соработка, не само за усвојување на потребните уставни амандмани што би овозможиле отворање на првиот кластер во преговарите“, се наведува во соопштението по усвојувањето на Извештајот за Македонија од страна на Комитетот.
Во усвоениот извештај за земјава се констатира дека демократските институции во Македонија функционираат задоволително, но оти политичката поларизираност продолжува да ги одложува клучните реформи и назначувања.
- „Пратениците ги повикуваат сите политички партии да се повлечат од жестоката реторика и да соработуваат за унапредување на европскиот пат на земјата. Тие исто така забележуваат дека сеопфатната изборна реформа е задоцнета“, се наведува во соопштението од АФЕТ.
Еевропратениците во Комитетот предупредуваат и дека корупцијата останува распространета во многу области и укажуваат на јазот помеѓу објавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво. Тие предупредуваат и од координирани обиди за манипулирање со информативната средина и поткопување на довербата во демократските институции и европската иднина на земјата преку странско непријателско мешање и кампањи за дезинформации.
Инаку усвоената верзија Извештајот содржи и 11 компромисни амандмани на текстот од 403 кои беа поднесени во март, а чија содржина се уште не е објавена од страна на Европскиот парламент.
- „Сакам да им се заблагодарам на известувачите во сенка на конструктиваните преговори, дури и на тешките делови. Ги пишувавме овие компромиси со голема поддршка на петте групи и со делумна поддршка од уште две групи“, рече Вајц пред гласањето.
Комитетот усвои и два зесебни амандмани поднесени од бугарски европратеници, во кои се повикуваат двете влади и на Бугарија и на Македонија набрзо да ја одржат третата меѓувладина комисија со цел спроведување на Договорот за добрососедство и неговите протоколи, но и Историската комисија да постигне опипливи резултати.
- „…Текстовите треба да го одразуваат толкувањето на историските факти и бројки од заедничката историја на двата народа врз основа на објективни, автентични и засновани на докази историски извори и документи, научно толкување и историски настани, како што е предвидено во вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија“, гласи усвоениот амандман 374 на Извештајот за Македонија во АФЕТ.
Вајц по усвојувањето на Извештајот од страна на Комитетот рече дека тоа доаѓа во клучен момент за проширувањето на ЕУ.
Инаку Изваштајот за Македонија следно треба да биде усвоен и на пленарна седница на Европскиот парламент.
Тамара Грнчароска
Б.С.
