Промените во квалитетот на храната и неточното означување на производите претставуваат сериозна закана за јавното здравје, особено за ранливите категории граѓани, предупредува Игор Спировски од Институтот за јавно здравје во гостувањето во емисијата „Директно“ на Телма.
Според Спировски, иако јавноста е често фокусирана на микробиолошката контаминација, пестицидите и тешките метали, најголемиот предизвик за македонското здравство се незаразните болести. Тој посочи дека дури 90 до 95 проценти од смртноста во земјава е поврзана токму со незаразните болести, каде исхраната игра клучна улога.
- „Микробиолошката контаминација дава акутни последици – ако изедете храна со стафилокок, за шест часа ќе ги почувствувате проблемите. Но, кај неквалитетните производи, негативните својства се акумулираат со години и последиците не се гледаат веднаш,“ објаснува Спировски.
Еден од најголемите проблеми, според него, е доведувањето на потрошувачот во заблуда преку неточни декларации.
Спировски нагласува дека за многу граѓани кои имаат здравствени проблеми, следењето на декларацијата не е прашање на избор, туку на неопходност.
- „Диетата не значи само рестрикција, туку целоживотен начин на исхрана. Ако потрошувачот кој има одреден здравствен ризик постојано конзумира храна која не е правилно декларирана, тој е во постојана опасност. Декларацијата е комуникација помеѓу производителот и потрошувачот. Ако во таа комуникација има ’шум’ или невистина, потрошувачот е оштетениот,“ додава тој.
Спировски апелира на засилување на контролите врз квалитетот на храната, а не само на нејзината безбедност во смисла на контаминати. Тој смета дека јавното здравје мора примарно да се грижи за најранливите – оние со здравствени проблеми и граѓаните со понизок социо-економски статус, кои се најмногу погодени од ваквите пропусти во производството и означувањето на храната.
- „Овој начин на контрола мора да се зајакне во иднина за да го заштитиме здравјето на нацијата,“ заклучува Спировски.
Б.С.
