Вести Економија Македонија Топ вести

Колариќ од АХВ: Првичните резултати за месните производи се уште позагрижувачки

Анализите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) открија дека дел од операторите со храна свесно ги доведуваат во заблуда потрошувачите, продавајќи производи чиј состав не одговара на она што е наведено на декларацијата. Најголеми отстапувања се забележани кај млечните и месните производи, каде е утврдено присуство на недозволени состојки како растителни масти.

Светлана Колариќ од АХВ, во гостувањето во емисијата „Директно“ на Телевизија Телма, појасни дека во текот на месец март, по налог на директорот на Агенцијата, биле спроведени засилени контроли на пазарот во Скопје.

Фокусот на инспекциите бил квалитетот и идентитетот на производите, односно дали составот внатре во пакувањето соодветствува на декларацијата. Во овој контролен циклус биле земени вкупно 91 мостра од малопродажните објекти во Скопје, од кои:

  • 45 мостри од млечни производи и млеко;
  • 46 мостри од месни производи (сувомеснати производи).
  • „Во делот на млечните производи, анализата покажа присуство на растителна маст. Тоа е строго забрането кај производите како што се млекото, сирењето, кашкавалот, павлаката и путерот, бидејќи тие имаат загарантирано име и точно се знае каков треба да биде нивниот состав,“ изјави Колариќ.

Таа додаде дека првичните резултати за месните производи се уште позагрижувачки, бидејќи кај нив отстапувањата од пропишаниот квалитет се многу поголеми во споредба со млечните производи.

На прашањето зошто досега не се објавени имињата на операторите и производителите кои ги мамат граѓаните, Колариќ истакна дека се чека на комплетирање на сите лабораториски наоди за да се направи сеопфатна анализа.

 

  • „Поради притисокот на јавноста, штом ќе се анализираат сите податоци, имињата на сите производители и оператори кои го прекршиле законот ќе бидат јавно објавени. Потрошувачот е секогаш во право и мора да биде информиран кога некој му ја нарушува довербата со лажни декларации,“ потенцираше таа.

АХВ ги отфрла обвинувањата дека ги штити производителите Колариќ децидно ги отфрли шпекулациите дека Агенцијата ги штити профитерите на сметка на граѓаните. Таа потсети дека во изминатите две години АХВ е постојано активна на терен, уништувајќи големи количини небезбедна храна и враќајќи сомнителни пратки од границите.

  • „Ако ги штитевме производителите, немаше да бидеме толку актуелни со откривање на небезбедна и неквалитетна храна. Нашата примарна цел е заштита на потрошувачите,“ заклучи Колариќ.

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварската вода под истрага и на лабораториска анализа- над 1.200 луѓе пријавиле симптоми на труење

Дејан Дејан

МОН го објави конкурсот за студентските домови – во реновираниот дом „Стив Наумов“ ќе се плаќа 6600 денари додека во другите 3410 денари

Tea Dimkovska

(Видео) Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк под чад кој се шири од пожарите во Канада

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе