Вонвременските нумери на Влатко Стефановски оживеаја на сцената на МНТ , низ постановката на мјузиклот „Као какао“. Проектот го постави режисерот Дејан Пројковски по текстот на Венко Андоновски.
- Дојде време ете, за мојот идол и за нашите идоли да направиме мјузикл. Меѓутоа, многу е важно дека го вративме духот на тоа време кога младите луѓе навистина сакаа да постигнат успеси во уметноста, во спортот, вели Венко Андоновски, автор на текстот за мјузиклот.
- Многу ми беше важно да не робуваме на правилата, да бидеме слободни, да го создадеме музичкиот свет на Влатко на сцена. Знаете како, тоа е како кога работите роман, рече Дејан Пројковски, режисер на мјузиклот.
Љубовта, но и истрајноста да се отсонува сопствениот сон пред предизвиците на времето, се главните мотиви на протагонистите во оваа мелодрама. Тоа се Џими и Дона , во изведба на актерите Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ.
- Се обидува од гасеница да стане пеперутка, односно да ги надмине општествените норми во кои што е заглавен и да направи нешто од сопствениот живот. Тука е нели, во претставата ја има таа љубовна нота, вели Владимир Петровиќ, актер.
- Таа е бунтовник , а всушност една мека душа. И кога ќе продреме малку во нејзината душа, сваќаме дека таа е многу мила. Единствено нешто што таа го сака е да биде вљубена и да ѝ е возвратено, рече Катерина Јовановиќ, актерка.
Дејствието тече низ изведба во живо на 19 нумери, од опусот на Стефановски, од периодот со „ Леб и сол“, до подоцнежната солистичка кариера. Тие не се фон. Употребени се како монолози или дијалози меѓу актерите. А, аранжманите ги направи Бобан Мирковски.
- Не е само спремен бендот, оркестарот да ја свири таа музика, туку помеѓу сцените има и разни музики кои се како сврзник, кои тој феноменално ги свири на клавир и извлекува вињети мали од моите песни, кажа Влатко Стефановски.
Кореографијата е на Олга Панго, а нејзин асистент Ирена Лозинска. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф- Марија Пупучевска, а вокален ментор – Ана Костадиновска. Продуцент на проектот е „Баги комуникации“, во копродукција со Македонскиот народен театар.
Според прикажаното, мјузиклот „ Као какао“ е посвета на архитектонски изгубеното Скопје, на генерациите млади кои живеат за да се реализираат, а пред сѐ на музиката и песните на Влатко Стефановски, кои што и денес, како некогаш ни ја разгалуваат душата. Тоа е гаранција за долговечноста на проектот.
Сотир Трајков
С.Б.
