Откако не се најде во првите илјада универзитети на Шангајската листа, најголемиот универзитет во Македонија – „Кирил и Методиј“, не е ниту во првите две илјади универзитети во светот, покажа штотуку публикуваната листа Глобал 2000 објавена од Центарот за рангирање на светски универзитети. На листата нема ниту еден македонски универзитет.
Слободниот пад на УКИМ продолжува и понатаму. Ректорот Билјана Ангелова, која минатиот месец беше реизбрана на челото на Кирил и Методиј, не одговори на телефонските повици за да ни го соопшти ставот за рејтингот на УКИМ и како планира да го подобри.
Од МОН пак сметаат дека со новите закони за високо образование ќе се подигне квалитетот и видливоста на УКИМ а со тоа и рејтингот.
- „Силна болка е да се наоѓате во Европа, сите околни земји да имаат барем по еден, а имаат многу повеќе универзитети на Шангајската листа а ние да немаме. Во законите, сите три закони, Закон за високо образование, Закон за квалитет во високо образование, закон за научноистражувачка работа поставивме некакви мерливи критериуми за академскиот кадар. Ако имплементацијата на овие три закони биде законска, значи ако не се избегнува, ако се се движи во правецот во кој законите предвидуваат, јас гарантирам дека во следните најмногу четири години ние ќе се најдеме меѓу две илјади универзитети на листата“ – Весна Јаневска, министерка за образование.
Од МОН соопштија дека соработката со УКИМ продолжува, а се планира и ќе се спроведе рангирање на универзитетите во Македонија.
- „Национално рангирање на универзитетите. После првото национално рангирање да направиме и едно интернационално рангирање на универзитетите кое ќе ни ја покаже реалната состојба. Универзитетите се способни со својот систем, внатрешен, на менаџирање на квалитетот да видат отприлика каде се наоѓаат“, вели Јаневска.
Центарот за рангирање ја составува листата „Глобал 2000“ врз основа на четири критериуми, квалитет на образование (25 проценти), конкурентност при вработување на дипломираните студенти (25 проценти), квалитет на наставниот кадар (10 проценти) и истражувачка работа (40 проценти).
Најдобро пласиран од земјите на поранешна Југославија е Универзитетот во Белград – на 393 место. Универзитетот во Љубљана е на 444, а Свеучилиштето во Загреб на 522. место.
Србија има уште три, Хрватска два а Словенија уште еден универзитет во првите две илјади.
Топ 10 рангирани универзитети во светот оваа година се: Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Универзитетот во Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Универзитетот во Чикаго.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
