Македонската фудбалска репрезентација утре од 18:30 часот ќе се соочи со Турција во Истанбул во пријателски натпревар. Тоа за нашиот тим ќе биде втора контрола по ремито 0-0 против Босна и Херцеговина во Сараево во петокот.
Селекторот Гоце Седлоски е свесен за квалитетот на противникот, кој има фудбалери од светска класа, но Македонија треба да покаже дека може да се носи рамноправно со селекции кои ќе играат на претстојното Светско првенство.
„Турција е исклучително квалитетна репрезентација со фудбалери кои настапуваат на највисоко европско ниво. За нас ова е уште еден важен тест во процесот на градење на тимот. Немаме многу време за работа, но задоволен сум од односот и ангажманот на играчите. Сакам да се претставиме во добро светло и да покажеме дека можеме рамноправно да се носиме и со вакви противници“, изјави Седлоски.
„Во составот имаме многу нови играчи, меѓу нив и седуммина од домашното првенство. Важно е сите да почувствуваат што значи да се игра за репрезентацијата и постепено да се вклопат во системот. Резултатот е важен, но уште поважно е да изградиме препознатлива игра и тимска хемија“, додаде Седлоски.
