Сан Антонио ја симна Оклахома од тронот во НБА-лигата. Спарс ја добија „мајсторката“ на гостински терен и се пласираа во големото финале против Њујорк.
Сан Антонио славеше со 111-103 во Оклахома во седмиот решавачки натпревар од финалето на Западната конференција. НБА-лигата ќе добие нов шампион, бидејќи одбраната на титулата за Тандер заврши утринава.
Виктор Вембањама ги предводеше гостите со 22 поени и седум скокови, а голема помош имаше од Џулијан Шампени, кој постигна 20 поени. Кај Оклахома, двократниот МВП Шеи Гилџеус-Александер го заврши натпреварот со 35 поени и девет асистенции.
Сан Антонио во големото финале ќе се соочи со Њујорк, во реприза на пресметката од 1999 година, кога Спарс ја освоија својата прва шампионска титула. Предводени од легендарниот тренер Грег Попович, Сан Антонио потоа освои уште четири титули, а последната во 2014 година. Никс, пак, немаат шампионски пехар уште од 1973 година.
Финалната серија почнува во четврток наутро во 2:30 часот, а домаќин на првиот натпревар е Сан Антонио.
