Ракомет Спорт

Охрид на чекор до европски трофеј: Минимална победа кај Татабања во првото финале

Охрид го делат уште 60 минути од трофејот во ЕХФ Европскиот куп, откако денеска славеше минимална победа од 29-28 на гостувањето кај Татабања во првиот финален натпревар.

Нашиот претставник може да жали што не дојде и до поубедлива победа, бидејќи водеше во најголем дел од натпреварот. Охрид имаше највисоки плус седум во првото полувреме, а во вториот дел и предност од шест голови.

Охриѓани наметнаа темпо уште од самиот старт, а по серијата од 4-0 дојдоа до водство од 12-5. Татабања имаше период од осум минути без постигнат гол, бидејќи одбраната на нашиот тим беше на висина на задачата, предводена од расположениот голман Кристијан Пилиповиќ. На полувремето резултатот беше 13-8 за Охрид.

Момците на Борис Ројевиќ не застанаа ниту во второто полувреме, па Охрид продолжи да доминира на теренот. По нова серија од 3-0, нашиот тим поведе со 25-19. Сепак, следуваше криза во нападот, а Татабања направи серија од 5-0 и ја искористи играта со играч повеќе по двете брзи исклучувања кај Охрид. Впрочем, Охрид дури една третина од натпреварот играше со играч помалку, бидејќи доби 10 исклучувања.

Унгарците дури се заканија дека можат да слават во финишот, бидејќи првото водство на натпреварот го имаа во последната минута, кога поведоа со 28-27. Сепак, најпрво Анте Иванковиќ израмни, a победничкиот гол за Охрид го постигна Дарко Ѓукиќ на само шест секунди до крајот. Татабања не реализираше во последниот напад, па Охрид славеше со 29-28.

Иванковиќ и Ѓукиќ со по седум голови беа најдобри кај Охрид во нападот. Кај Татабања, Бенедек Елес постигна девет голови, додека македонскиот интернационалец Филип Талески двапати се запиша во листата на стрелците.

Реваншот се игра за седум дена во Охрид, во салата „Билјанини Извори“. За потсетување, ЕХФ Европскиот куп минатата сезона го освои Алкалоид, па ако тоа му успее и на Охрид, пехарот ќе остане во Македонија втора година по ред.

ФОТО: ГРК Охрид

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Фото) Шампионите ги пречекаа во Мадрид

Kristina Kuzmanovski

ФИФА со дисциплинска постапка против Аргентина за инцидентите во финалето

Kristina Kuzmanovski

Навивачите со камења и пиротехника, полицијата со солзавец, шок-бомби и водени топови – нереди во Буенос Аирес по поразот на Аргентина во финалето на СП

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе