Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека извршиле успешни воздушни напади во кои се уништени неколку тајни складишта за оружје на Хамас во централниот дел на Појасот Газа.
Според воени извори, три складишта кои беа погодени во саботата содржеле противтенковски ракети, огнено оружје, рачни ракетни фрлачи (РПГ), борбени елеци и друга воена опрема, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Во официјалното соопштение на ИДФ се додава дека во одделен напад, извршен во средата, било уништено уште едно големо складиште на Хамас во кое биле сместени експлозивни направи, РПГ-фрлачи, рачни гранати и магацини со муниција. Израелската армија нагласи дека по нападите биле регистрирани серија секундарни експлозии, што е директен доказ за присуството на големо количество запалив воен материјал во самите објекти.
