Престана со работа едно од поголемите финансиски друштва за брзи кредити. Министерството за финансии информираше дека ја одзеде дозволата за работа, откако со вонреден надзор спроведен по пријава од граѓанин биле утврдени сериозни повреди на законски обврски.
Станува збор за тешки прекршоци и сериозни неправилности во работењето, што доведе до одземање на дозволата, но засега надлежните официјално не соопштија за кое друштво станува збор.
Надзорот утврди грубо прекршување на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги, соопштија од Министерството за финансии.
Неофицијално, се работи за едно од поголемите финансиски друштва кое во земјава има околу 40 експозитури и над 100 вработени.
Министерството за финансии веќе го отстрани името на фирмата од регистарот на лиценцирани финансиски друштва, која броеше 26, а сега се 25 фирми кои нудат брзи кредити.
Оттаму велат дека и годинава продолжуваат со засилени теренски и вонтеренски контроли над финансиските друштва. Во досегашните надзори се констатирани повеќе неправилности, при што од почетокот на годината па досега се изречени 22 глоби за 16 друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдените неправилности.
Во претходните контроли Министерството за финансии констатираше дека дел од финансиските друштва ги доведуваат во заблуда потенцијалните корисници на т.н. брзи кредити, па им остави рок до 15 мај да го коригираат своето работење.
Овие забелешки првенствено се однесуваа во делот на рекламирањето, односно во делот на користење називи од страна на дел од финансиски друштва, кои што се различни од називот по кој тие настапуваат во правниот промет, односно називот кој што им е утврден во дозволата која што ние како министерство ја имаме издадено, Значи, има ситуации каде што во две различни деловни простории има два различни називи, а всушност станува збор за исто финансиско друштво и на овој начин се создава една погрешна слика на конкуренција.
Она друго кое што го увидовме и за кое што дадовме забелешки во делот на рекламирањето на кредитите со 0% камата. Овде не велиме дека е забрането да се пласираат кредити со 0% камата, туку доколку има и други надоместоци во договорот, тие задолжително да бидат наведени во самото рекламирање, вели Иван Недев, раководител на сектор за финансиски систем во Министерството за финансии.
Паралелно со контролите, министерството подготвува и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва.
Целта на законските измени е да се намали ризикот од прекумерно задолжување кај граѓаните, да се обезбеди поголема заштита на потрошувачите и да се зголеми транспарентноста и одговорноста во работењето на финансиските друштва.
Мирјана Јовеска
