Пред месец и половина градоначалникот Тони Коњановски им се извини на жителите од четирите улици во центарот на Битола за долгата реконструкција и најави дека наскоро ќе бидат асфалтирани.
Но, „Козара“, „11 Март“, „Чеде Филиповски“ и „Панде Николов“ и денес се раскопани, а жителите револтирани. Кал, прашина и отежнат пристап до домовите, вака повеќе од една година изгледа секојдневието за граѓаните кои живеат во овој дел од градот.
Овде не може човек да оди, посебно кога врне. Сѐ е во вода, ни рече битолчанец.
Независните советници од „Поинаку“ повторно реагираа со герила акција, обвинувајќи за предолг рок на реконструкција.
Ало, Миле на телефон. Што правиме со улицата? Цела е раскопана, луѓето не можат дома да си одат. Да го бараме Тони да се извини уште еднаш или Бојан ќе среди како што го среди трансформаторот, рече советникот Миле Трајковски, советник од „Поинаку“.
Градоначалникот Тони Коњановски побара изведувачот да си ја заврши работата.
Целата постапка сега е во рацете на изведувачот избран на јавен повик. Топката е кај нив. И преку оваа изјава инсистирам, и во име на граѓаните и во мое лично име, да ги преземат сите обврски. Во спротивно, ние ќе ги преземеме сите мерки што ни стојат на располагање. Граѓаните немаат повеќе трпение, ниту јас, изјави Коњановски.
Реконструкцијата почна лани во април, а потоа проектот кој чини 13 милиони денари заглави во административните лавиринти. Во меѓувреме, жителите нетрпеливо ја очекуваат завршницата и нормализирање на секојдневието.
Емилија Мисирлиевски
