Селекторот на англиската фудбалска репрезентација, Томас Тухел, денеска го објави списокот од 26 фудбалери кои ќе патуваат на Светското првенство 2026 година. Германскиот стратег направи неколку големи резови, па меѓу повиканите нема дел од најголемите англиски ѕвезди, што предизвика лавина реакции на Островот.
Тухел за Мундијалот нема да смета на ѕвездата на Челси, Кол Палмер, потоа на Фил Фоден од Манчестер сити, како и на Трент Александер-Арнолд од Реал Мадрид. Меѓу позвучните имиња кои не добија повик се и Хари Мегваер и Лук Шо од Манчестер јунајтед, Фикајо Томори од Милан, Леви Колвил од Челси, како и Морган Гибс-Вајт од Нотингем Форест, кој имаше одлична сезона.
Англија на Светското првенство ќе ја предводи капитенот Хари Кејн, а во составот се и Џуд Белингам, Букајо Сака, Деклан Рајс, Маркус Рашфорд, Џон Стоунс, Коби Мајну, Нони Мадуеке и Оли Воткинс. Едно од најголемите изненадувања е враќањето на Иван Тони од Ал-Ахли, кој повторно доби шанса во националниот тим.
Тухел по објавувањето на списокот изјави дека не се плашел од тешките одлуки и дека составот не е направен само според индивидуалниот квалитет, туку и според балансот, хемијата и довербата во групата.
